Соработка која има за цел економско јакнење на жените преку обезбедување поволна бизнис клима и остварување на стратешките цели и имплементација на мерките и активностите предвидени во рамки на Стратегијата за развој на Национална платформа за женско претприемништво, предвидува меморандумот што денеска го потпишаа Министерството за економија и Национална платформа за женско претприемништво.
-Министерството за економија препознавајќи го значењето на женското претприемништво веќе 10 години по ред реализира мерка за финансиска поддршка на жени претприемачи. Во изминатите 10 години преку оваа мерка субвенционирани се над 170 компании во сопственост и управувани од жени. За поддршка на женското претприемништво во 2018 година ја донесовме и Стратегијата за развој на женското претприемништво 2019 – 2023 со која се потврди определбата за да продолжат мерките и активностите во насока на поддршка и развој на жените претприемачи, рече министерот за економија Крешник Бектеши по потпишувањето на меморандумот.
Нагласи дека е потребно да се поддржуваат здруженијата кои работат на полето на женското претприемништво и да се воспостави процес на застапување на нивните интереси спрема јавниот сектор. Токму затоа, како што рече, во мај годинава беше воспоставена Национална платформа за женско претприемништво иницирана и предводена од Асоцијацијата на бизнис жени во соработка со ССК, Националната федерација на фармери и Фондацијата за менаџмент и индустриско истражување.
-Со цел економско јакнење на жените преку создавање на поволна бизнис клима и обезбедување систематска поддршка и инфраструктура за развој, поддршка и промоција на женското претприемништво и подигнување на степенот на соработка во иднина денеска го потпишуваме меморандумот со Национална платформа за женско претприемништво, рече Бектеши.
Нагласи дека соработката на Министерството за економија со невладиниот сектор е од клучна важност при креирањето на политиките за поттикнување на претприемништвото и поддршката на малите и средните претпријатија и додаде дека како ресорно министерство и во иднина ќе продолжат да бидат активен учесник во креирање мерки за јакнење на женско претприемништво. Посочи дека над 52 отсто од компаниите кои добија средства во 2020 година во рамки на Програмата за конкурентност иновации и претприемништво се во сопственост или управувани од жени.
Валентина Дисовска од Националната платформа за женско претприемништво рече дека потпишувањето на меморандумот доаѓа како сублимат на активното работење на полето на јакнење на женското претприемништво во изминатите десеттина години.
-Како резултата на тоа произлезе и Националната стратегија за женско претприемништво преку која со Министерството за економија активно работиме да ја подобриме економската состојба на жените претприемачи и на целото општество, рече Дисовска.
Нагласи дека Националната платформа за женско претприемништво е формирана со средства од ЕУ преку проектот нарешен Националната платформа за женско претприемништво.
-Креирањето на Националната платформа произлезе од потребата за дијалог, структура, соработка и доверба за женско претприемништво со локалната и националната власт со цел економско зајакнување на жените, вклучувајќи ги и младите и жените во руралните средини. Фокусот е насочен кон зголемување на еднаквоста и промовирање на инклузивен и одржлив економски раст, рече Дисовска.
Платформата, додаде, има за цел да обезбеди неопходна основа да влијае врз вкупниот развој на женското претприемништво во целата земја, вклучувајќи ги и процесите за ЕУ интеграција. Таа е отворена и жива организација во која засега членуваат повеќе од 40-тина организации.
Во одговор на новинарско прашање Дисовска посочи дека на терен се гледа дека работните места се делат на женски и машки и има невидлив стаклен плафон за жените да одат на високи функции.
-Пречки има и во висината на платите кои во приватниот сектор се пониски за околу 17,2 отсто за жените на исто работно место што не може да се види во државните компании, рече Дисовска.