На денешната владина седница е утврден текстот на Предлог-законот за платежни услуги и платни системи кој треба да го замени постојниот Закон за платниот промет донесен во 2007 година.
Како што соопштија од владината прес-служба, со новото предлог законско решение се усогласуваат одредбите од платниот промет со Директивата 2007/64/ЕЗ за платежни услуги и Директивата 2009/110/ЕЗ за електронски пари на Европската Унија како на укажувањата на Европската комисија дека домашното законодавство не е усогласено со директивите на ЕУ.
Станува збор за предлог законско решение со реформски карактер со кое што ќе се обезбеди сигурен, стабилен и ефикасен платен систем во Република Северна Македонија во согласност со европското законодавство.
На денешната седница е донесена и Стратегијата на Владата на Република Северна Македонија за соработка со и развој на граѓанското општество, со Акциски план 2022-2024.
Од владината прес-служба посочуваат дека Стратегијата е резултат на препознаената потреба за унапредување на механизмите за соработка со граѓанското општество, а мерките што се преземаат со оваа стратегија на институционално ниво се насочени, меѓу другото, и кон одржување на континуитетот во работата на независен, репрезентативен, оперативен и ефективен Совет за соработка меѓу Владата и граѓанското општество и за подобрување на практиките за комуникација и соработка со граѓанските организации.
Со цел унапредување на околината во која работи и се развива граѓанското општество, Советот ќе продолжи да биде двигател на реформата на системот на државно финансирање на граѓанските организации, воспоставувањето структурен дијалог со граѓанското општество и креирањето модел за учество на граѓанските организации во идната преговарачка ЕУ структура на земјата.
Како дел од приоритетите во Стратегијата утврдени се унапредување на правната рамка за граѓанските организации; зајакнување на институционалната рамка и практиките на соработка помеѓу Владата на Република Северна Македонија, органите на државната управа и граѓанските организации, воспоставување даночна рамка којашто одговара на спецификите на работењето на граѓанските организации и го овозможува нивниот развој, како и унапредување на системот на државно финансирање на граѓанските организации.
На оваа седница на Владата се прифатени и информациите за повеќегодишно плаќање на јавна набавка на работи за реализација на проектите за реконструкција и доградба на ЈЗУ Универзитетска Клиника по хируршки болести „Св. Наум Охридски“ – Скопје, на КАРИЛ – Клиника за анестезија, реанимација и интензивно лекување и на ЈЗУ Завод за превенција, лекување и рехабилитација на хронични, респираторни, неспецифични и алергиски заболувања, во Отешево.