Задоцнетата сеидба, неподготвеноста на каналската мрежа и ненавременото пуштање на водите од Хидросистемот Брегалница низ оризовите полиња, се основните причини за задоцнетата вегетација на оризовата култура во најголем дел од Кочанското поле.
Ова беше констатирано на средбата на заменик министерот за земјоделство,шумарство и водостопанство Ванчо Костадинов со земјоделеците од општина Чешиново Облешево.
– Сеидбата доцнеше уште на стартот. Наместо на почетокот на мај, таа започна со задоцнување од дваесетина дена и траеше на одделни површини и до 7 јули, истакна Сане Јованов, земјоделец од Чешиново и претседател на Месната заедница.
Тој посочи дека неподготвената каналска мрежа со неисчистените канали и ненавремената испорака на вода од страна на Водостопанство Брегалница од Кочани, придонесоа сеидбата да доцни и сега, додаде, да имаме забавена вегетација која ќе се одрази на приносите.
– Наместо жетвата да ја започнеме за десетина дена, таа ќе доцни еден месец. Оризиштата на одделни површини се уште целосно не се искласани, па на овие површини и ќе нема доволно приноси, истакна Здравко Арсов, земјоделец од Облешево.
Земјоделците од Кочанско есенва од насеаните 3.200 хектари под ориз ќе добијат намалени приноси за 35 отсто кои се и како последица на неквалитетните заштитни средства и препарати кои се употребуваа во уништувањето на плевелите.
Заменик министерот Костадинов ги сослуша забелешките на земјоделеците од регионот кои се пожалија и на лошото работење на Водостопанство Брегалница, барајќи враќање на водните заедници на теренот, како и надоместок на штетите кои ќе ги претрпат земјоделците кај оризовата култура.
– Министерството за земјоделство, шумарство и вдоостопанство ќе ги разгледа забелешките на земјоделеците и ќе донесе соодветни заклучоци за надминување на состојбата, истакна Кострадинов.