ЕЛЕМ нема да се продава, напротив во ЕЛЕМ ќе се инвестира за доброто на сите граѓани, истакна генералниот секретар на СДСМ Александар Кирацовски на денешната средба со битолчани и рече дека на 15 октомври ќе се стави крај на сите лаги од ВМРО ДПМНЕ.
– Не е тешко да се демантира ВМРО-ДПМНЕ. Кога во 2015 година ги објавивме аудио снимките за криминал и корупција, ВМРО-ДПМНЕ ја измислија лагата за жолти комбиња и базни станици, кога ние излеговме со концептот за едно отворено општество за сите граѓани во Република Македонија, ВМРО-ДПМНЕ ја промовираа лагата за федерализација и кантонизација, кога ВМРО-ДПМНЕ пред еден месец воочија дека катастрофално ќе ги загубат локалните избори излегоа со лагата за мигрантите и бегалците кои никаде ги нема, а сега кога се безидејни, кога гледаат дека ќе ги загубат локалните избори, повторно излегуваат со лагата за продажба на капитални објекти во сопственост на Република Македонија, рече Кирацивски.
Затоа, додаде тој, сакам да потенцирам дека не само што ЕЛЕМ нема да се продава, туку ќе се инвестира во ЕЛЕМ, како и во другите капитални објекти за доброто на сите граѓани.
– Битола нема да биде град кој што тоне, нема да биде општина од која младите се иселуваат, нема да биде општина со институции во долгови кои се создадоа во изминатите години. На 15 октомври ќе го заокружиме тоа што го почнавме во месец декември минатата година, истакна Кирацовски и порача битолчани масовно да гласаат за кандидатот за градоначалник на Битола од СДСМ и коалицијата Наташа Петровска.