Комисијата за хартии од вредност на Република Северна Македонија на 167-та седница со која претседаваше Претседателот на КХВ М-р Нора Алити донесе Решение со кое на Општина Штип и даде одобрение за издавање на долгорочни должнички хартии од вредност по пат на јавна понуда. Ова е прва емисија на општински обврзници на домашниот пазар на капитал, со која се збогатува понудата на финансиски инструменти кај нас.
Општина Штип ќе издаде 8.000 општински обврзници со поединечна номинална вредност од 500 евра и вкупна номинална вредност од 4.000.000 евра. Рокот на доспевање на издадените обврзници е седум години од денот на регистрирање на обврзниците во Централниот депозитар. Општинските обврзници се со фиксна годишна каматна стапка во износ од 4,75%. Главницата ќе се исплати во целосен износ заедно со последната камата, односно по истекот на седум години од датумот на регистрирањето на обврзниците.
При запишувањето и распределбата на обврзниците, издавачот се определи да го применува моделот на фиксна цена со давање приоритет на налози со помала количина и порано време на внес на налог.
Купувачи можат да бидат домашни и странски физички и правни лица, а сите информации поврзани со издавачот и со општинските обврзници ќе бидат содржани во Проспектот , кој што јавно ќе биде објавен од страна на Општина Штип.
Понудата се смета за успешна доколку се запишат и уплатат најмалку 60% од понудените обврзници.
Емисијата се врши заради прибирање на средства за финансирање на повеќе инфраструктурни и капитални проекти на општината.
КХВ ја одобри оваа емисија, откако општина Штип доби согласност од Министерството за финансии за нејзино задолжување и ги исполни законски утврдените услови за издавање на општински обврзници. Постапката на запишување и уплата на понудените општински обврзници ќе започне откако во сила ќе влезе Одлуката на Владата на Република Северна Македонија, со која се одобрува максималниот износ на новото задолжување на издавачот.