Државниот советник за меѓународни активности во Агенцијата за катастар на недвижности на Македонија Татјана Ценова-Митревска е избрана за член на новото Биро на работната група за земјишна администрација (WPLA) на Економската комисија на Европа при Обединетите нации (UNESCE).
– Агенцијата за катастар на недвижности првпат добива висок претставник во органите на управување на некоја интернационална организација која се занимава со земјишна администрација, а е под покровителство на Обединетите нации. Ова претставува огромна чест и признание за досегашната работа на Агенцијата за катастар на недвижности, соопшти македонскиот Катастар.
Ценова-Митревска е избрана на 10. сесија на работната група за земјишна администрација што се одржа на 8. и 9. месецов во Женева. Сесијата се однесуваше на меѓународната размена на знаења од областа на земјишната администрација и менаџментот со недвижности.
На 10. сесија се дискутираше како UNESCE ќе може со својата работа да придонесе да се подобри управувањето со земјиштето во регионот, за потребите и приоритетите на земјишната администрација во UNESCE-регионот како поддршка на агендата 2030 и новата урбана агенда на Обединетите нации.
Во UNESCE членуваат 56 држави од Европа, Северна Америка и Азија, како и повеќе од 70 интернационални професионални организации и останати невладини организации. Својата работа ја извршува преку работната група за земјишна администрација (WPLA) и комитетот за домување и менаџмент на земјиште. Главна цел на овие тела е да се промовира енергетски, ефикасно и адекватно домување на целата популација, особено на социјално ранливите групи и лицата со посебни потреби, развој на одржливите или т.н паметни градови (smart city), како и транспарентна и ефикасна употреба на земјиштето и брза и ефикасна регистрација на земјиштето.