Во организација на Women in Tech Macedonia денеска ќе се одржи онлајн Кариерен Tech самит. Настанот има едукативна и советодавна цел, а говорниците ќе ги споделат најдобрите практики со слушателите како да ги оптимизираат чекорите во процесот на барање на работа и начинот на претставување пред компаниите во најдобро можно светло. Ќе бидат појаснети финесите кога станува збор за креирање CV и професионален LinkedIn профил, како и можни сценарија за време на техничкиот процес и интервјуто.
-Наша цел е да споделиме како најправилно да го сторите тоа, избегнувајќи бројни предизвици и евентуални грешки, поради кои можете да ја загубите совршената можност за вработување, велат од организацискиот тим.
Говорници на настанот, додаваат, се искусни професионалци од областа на човечки ресурси, регрутација, како и технички лица кои се активно вклучени во процесот на пронаоѓање, интервјуирање, селекција и вработување.
-Ова е ретка можност да слушнете за конкретни пракси и политики на различни компании кај нас, и тоа на прашања од кои директно зависи вашиот кариерен развој, велат организаторите на настанот и појаснуваат дека настанот предвидува три панел дискусии на различни, но комплементрани теми во процесот на барање работа во ИТ секторот и соодветно почетно позиционирање на пазарот на труд.