Како другите земји го промовираат автогасот

Од:

Многу држави од Европа и светот имаат мерки за поттикнување и промоција на поголема употреба на автогасот во транспортот. Во соседна Бугарија автогасот има помали даноци во однос на другите горива, во Грција инвестицијата за конвертирање на автогас се враќа по 16 илјади километри, Полска автогасот има за една третина помал данок од другите горива, Италија има субвенции и олеснувања при регистрација за возилата на автогас, додека Шпанија субвенционира набавка на нови возила на автогас.

Во Бугарија 13 проценти од возилата користат автогас

Автоплинот во 2018 година има удел од 13 проценти во вкупната потрошувачка на горива во патниот транспорт во Бугарија. Пробивот на автоплинот на пазарот се должи на помалите даноци во однос на другите горива и релативно евтината конверзација на возилата. Автогасот има удел од 90 проценти во вкупната потрошувачка на гас во Бугарија. Бројот на возила на автогас во Бугарија во 2018 година изнесува околу 490 илјади возила, што е удел од околу 13 проценти во вкупниот број на возила. Растот се должи на инсталирањето на ТНГ уреди во голем број приватни, такси и комерцијални возила. На пазарот има повеќе сертифицирани системи за конвертирање на автогас, а некои производители веќе нудат и модели со фабрички плин. Бројот на бензински станици на кои е достапен автоплин во 2018 година изнесува околу 2 800.

Според извештајот на ТНГ Европа, растот се должи и на стабилната политика на низок данок на ТНГ во однос на бензинот и дизелот. Данокот од 2013 година е стабилен на 0,184 лева за литар ТНГ, споредено со 0,646 лева за литар дизел и 0,71 лева за литар бензин. Ваквата политика придонесува за ниска крајна цена на автоплинот.

Економската исплатливост за конвертирање на возило на ТНГ е висока, особено поради ниската цена на уредот од 800 до 1000 лева. Врз основа на цените од 2018 година инвестицијата се враќа по изминати 13 илјади километри или една година возење на просечен корисник.

Автогасот во Грција учествува со пет проценти во вкупната потрошувачка на горива

Автогасот во Грција во 2018 година учествува со 5 проценти во вкупната потрошувачка на горива во транспортот и 49 проценти од вкупната потрошувачка на ТНГ во земјата. На патиштата во Грција во 2018 година имало 300 илјади возила на автогас, што е 5 проценти од вкупниот број возила во земјата. Најголем дел од нив се половина бензински возила конвертирани на ТНГ, но на пазарот се достапни и неколку нови модели со фабрички плин, меѓу кои Опел Зафира и Мерива, Фиат Пунто и Панда.

На територијата на Грција има околу 1.150 бензински станици на кои се нуди автоплин. Според цените од 2018 година литар ТНГ е 52 проценти од цената на литар бензин и 60 проценти од литар дизел. Цената за конвертирање на возило со бензински мотор на ТНГ во Грција чини од 550 до 1 300 евра, што според цените од 2018 година инвестицијата се враќа по 16 илјади изминати километри.

Полска е најголем пазар на автогас во ЕУ и четврт по големина во светот

Полска има најголем пазар на автогас во ЕУ и четврт по големина во светот, по Турција, Русија и Кореа. Во 2018 година автоплинот има удел од 9 проценти во вкупната продажба на горива за транспорт во Полска. На патиштата во Полска во 2018 година имало околу 3,1 милион возила на автоплин, што е околу 13 проценти од вкупниот број возила во земјата. Најголем дел од возилата на плин се конвертирани бензински возила, но на пазарот се достапни повеќе модели со фабрички плин, меѓу кои Дачија, Шкода, Хјундаи, Киа и Рено-Нисан.

На територијата на Полска има солидна мрежа на бензински станици на кои се продава автоплин. Во 2018 година имало 7.432 станици.

Успехот на ТНГ во Полска се должи на нискиот данок на ТНГ, што е помалку од една третина од данокот за литар бензин или дизел. Во 2018 година литар плин е 45 проценти од цената за литар бензин и 47 проценти од цената за литар дизел.

Просечната цена за конвертирање на бензинско возила на автоплин во Полска е околу 2 800 злоти или 775 евра. Според цените од 2018 година инвестицијата се враќа по 17 илјади километри.

Италија традиционално го субвенционира и промовира автогасот

Италија го има вториот по големина пазар на ТНГ во ЕУ, веднаш по Полска и шести во светот. Автогасот има удел од 5 проценти во вкупната потрошувачка на горива во транспортот. Бројот на возила низ годините постојано расте и изнесува над 2,4 милиони во 2017 година, што е речиси 6 проценти од сите автомобили и камиони на патиштата во Италија. Низ Италија има околу 4.120 бензински станици со ТНГ, што е една петина од вкупниот број на бензински станици во земјата.

Властите во Италија традиционално го субвенционираат и промовираат автогасот. Централните и локалните власти имаат повеќе мерки преку кои поттикнуваат поголема употреба на автогас. Едно е преку помал данок во споредба со бензинот и дизелот, субвенции за возила кои загадуваат помалку и забрани за движење и олеснувања при регистрација за сите алтернативни горива, вклучително и автогасот.

Шпанија го отвори патот на автогасот во приватниот и јавниот сектор

Шпанија нуди одлични примери за искористување на бенефитите кои ги нуди автогасот од јавните претпријатија, фирмите и приватните корисници за намалување на емисијата на штетни гасови од возилата.

Локалните власти во Мадрид даваат субвенции во висина од 400 евра за конвертирање на бензинските возила на авто гас и тоа 200 евра директно за сопственикот на возилото и 200 евра за попуст за инсталирање на ТНГ уред на возилото. Истовремено стратегијата за квалитетот на воздухот во Мадрид за периодот 2013 – 2020 година промовира чисти горива и возила за приватни корисници, јавен превоз и транспорт.

Во регионот на Галиција, околу 500 таксисти во градот Виго се префрлени на ТНГ со цел намалување на емисијата на штетни гасови, додека локалните власти во Сан Мигуел де Абона во соработка со Асоцијацијата на корисници на алтернативни горива и ДИСА компанијата за ТНГ уреди започнаа проект за конвертирање на полициските и општински возила на ТНГ, со што е остварена заштеда до 50 проценти на трошоците за гориво и до 15 проценти помала емисија на штетни гасови.

Приватната рент-а-кар компанијата Голдкар во Шпанија во својата флота воведе 200 возила на ТНГ со цел придонесување кон намалување на емисијата на штетни гасови. На корисниците достапни им се возилата Опел Корса, Фиат 500 и Фиат Панда.

Јапонија субвенционира такси хибриди на автогас

Јапонската компанијата Тојота во 2017 година претстави нов ЈПН такси модел на електрично хибридно возило со 1,5 литарски мотор на автогас што има потрошувачка од 5,5 литри на 100 километри. Според податоците од мај 2018 година околу 10 проценти од такси возилата во Токио се Тојота ЈПН такси, а очекувањата се до средината на 2020 година да има удел од околу една третина во такси флотата во главниот град на Јапонија. Градските власти и министерството за економија ги субвенционираат набавките на возилата за такси компаниите.

Би можело да ве интересира

Работилница на „Макпетрол“ за родители против врсничко насилство утре ќе се одржи во Куманово

Признание за „Макпетрол“ како еден од најголемите поддржувачи на СОС Детско Село

Со поддршка од „Макпетрол“ и во Кочани ќе се одржат работилници против врсничко насилство

А1он

Битиќи за владината набавка на 45 нови возила: Подобро е на лизинг, трошоците се помали

A1on

ЕСМ ќе плати 2,3 милиони евра за нови автомобили: Мора да имаат екран на допир и камера за паркирање

A1on

Каратистите на „Макпетрол” ја отвораат сезоната со учество на светската лига во Атина