Јужнокорејската министерка за трговија е кандидатка за директор на СТО

Од:

Јужнокорејската министерка за трговија Ју Мунг-хе денеска ја објави својата кандидатура за лидерската функција  во Светската трговска организација (СТО), а евентуалниот избор ќе ѝ обезбеди статус на прва жена на чело на оваа меѓународна организација.

Процесот на објавување на кандидатурите за позицијата, што моментов ја извршува Бразилецот Роберто Азеведо, почна токму овој месец. Азеведо го најави своето заминување лани, кон крајот на август, една година пред истекот на мандатот, од семејни причини.

Пред десетина дена, официјалната кандидатура за највисоката позиција во СТО ја соопшти Британецот Питер Манделсон, поранешен еврокомесар за трговија, а и сегашниот еврокомесар Пол Хоган кажа дека ја разгледува ваквата можност.

Како можни кандидати се споменуваат и шпанскиот министер за надворешни работи, Аранча Гонзалез, и холандскиот министер за надворешна трговија, Зигрид Кааг.

Ју Мунг- хе е првата жена на таа позиција во владата од основањето на Јужна Кореја во 1948 година, а доколку биде избрана ќе биде и првата жена што ја предводи СТО.

„Расте протекционизмот во меѓународната заедница … За да може СТО да ја надмине сегашната криза важна е улогата на медијаторите во конфликтите меѓу земјите членки,“ рече Ју.

Од декември минатата година СТО не може да донесе конечни пресуди во трговските спорови затоа што САД го блокираа назначувањето на судии на апелациските тела.

Американскиот претседател Доналд Трамп бара обемни реформи во СТО, не прецизирајќи како тие треба  да изгледаат и не прифаќа компромисни предлози што се поддржани од мнозинство од 164-те членки на СТО.

Би можело да ве интересира

Птичји пердуви и крв пронајдени во моторите на авионот што се урна во Јужна Кореја

ВИДЕО: Уапсен отповиканиот јужнокорејски претседател

Катерина Ѓуровски

Нова полициска акција за приведување на Јун Сук-Јол

Горан Наумовски

Црната кутија не снимала четири минути пред авионот на Јеју Ер да удри во ѕид во Јужна Кореја

Јужнокорејските истражители не успеаја да го уапсат суспендираниот претседател

Јун Сук Јеол одби да биде уапсен, вели „ќе се бори до крај“