„Причината за рецесијата во Македонија министерот Ставрески ја гледа во она што се случува во Европа и рече дека еврозоната е во рецесија и во вториот квартал имала пад од 0,8%, исто како Македонија. Еве го последниот податок од Еуростат, организацијата задолжена за статистика на европско ниво, објавен на 6-ти септември годинава, од кој се гледа дека она што го зборува министерот не е точно. Според Еуростат, и Европската унија и еврозоната не се во рецесија, бидејќи немаат две последователни тримесечја со економски пад. Тие имаат пад само во второто тримесечје од годинава и падот им е многу помал од македонскиот. Падот на еврозоната е речиси два пати, а падот на Европската унија е три пати помал од падот на македонската економија“, oва го кажа потпретседателот на СДСМ, Зоран Јовановски, кој кажа дека министерот Ставрески спомна дури шест земји со економски пад, Словенија, Хрватска, Франција, Холандија, Шпанија и Италија.
„Најпрвин, да расчистиме, во Франција нема економски пад. Преостанатите пет земји си имаат економски проблеми, ама во сите нив заедно продаваме 14% од со што продаваме во странство. Тоа е двојно помалку од она што го продаваме само во Германија, која цело време има економски раст. Значи, крајно време е Владата да престане вината за неуспесите да ја бара секогаш кај некого друг, а никогаш кај себе“, рече Јовановски.
Тој кажа дела опозицијата не критикува, како што рекол Ставрески, туку презентира прецизни факти и аргументи, а ако Владата се наоѓа засегната и не и одговараат фактите, тогаш тоа е проблем на Владата, а не на опозицијата.
„Ставрески зборува за можни други мерки во рамки на расположливите буџетски средства и дека целосно се исцрпени потенцијалите за поддршка на економијата. Преведено народски, тоа значи дека Владата пари за нови мерки и помош на граѓаните и фирмите – нема. Пораката од Владата е: луѓе снаоѓајте се сами, како знаете и умеете. Тоа е трагедијата со оваа Влада, за помош на граѓаните и фирмите пари нема, ама за реклами и споменици како што гледаме -има и за тоа и понатаму безмилосно се троши“, рече Јовановски.
Според него, Владата не сака ниту да објави колку им должи, а не пак да им плати на фирмите за поврат на ДДВ и за добиени, а неплатени производи и услуги, а ако го направела тоа многу фирми ќе преживеале, и многу работни места ќе се сочувале.