Народната банка нема да ја промени основната каматна стапка и таа ќе остане на нивото од 2,50% иако новите податоци за инфлацијата покажуваат просечна инфлација од 10,9% во периодот од јануари до јули 2022 година.
НБРМ ја донела одлуката за непроменување на стапката поради последните движења кај инфлацијата и девизниот пазар кој е стабилизиран преку откуп на девизи, како и поради притисоците од енергетската криза кои се намалени значително.
Претходното зголемување на основната каматната стапка од 0,5% за НБРМ беше инструмент за смирување на инфлацијата, а за експертите избрзан чекор затоа што инфлацијата не ја предизвика јавната потрошувачка дома туку влијанието на цените на светскиот пазар на храната и енергијата.
Економскиот аналитичар Бранимир Јовановиќ од Виенскиот институт за меѓународни економски студии пред неколку дена во разговор за „А1он“ и порача на Народната банка три пати да размисли пред повторно да ја покачи својата камата затоа што е можно да има зголемување на сиромаштијата, а сега ја поздрави новата одлука на НБРМ.
– Потребно е време за повисоката камата на Народната банка да се прелее врз каматите на комерцијалните банки, со тоа што порастот кај вториве веројатно ќе биде и нешто понизок. Но граѓаните и фирмите несомнено ќе добијат повисоки камати, што ќе ги зголеми нивните ануитети кон банките (со исклучок на оние со фиксни камати), а и дополнително ќе ја забави кредитната активност. Ова понатаму ќе значи дека и економската активност ќе забави, а можно е да има и зголемување на сиромаштијата. Затоа Народната банка мора три пати да размисли пред повторно да ја покачи својата камата. Ова зголемување што го видовме досега, од 1.25 процентни поени, нема да има страшни последици по економијата, но ако видиме уште некое покачување, лекот може да се покаже полош од болеста – коментира Јовановиќ.
Тој смета дека е сосема легитимно да се покачува каматната стапка ако се тргне од логиката дека повисоката камата ќе ја намали побарувачката во економијата, и тоа понатаму ќе ги снижи цените.
– Овој механизам функционира кога инфлацијата доаѓа од страната на побарувачката, односно кога цените растат затоа што луѓето многу трошат. Моменталната ситуација не е таква. Инфлацијата со која сега се соочуваме доаѓа од страната на понудата, односно е последица на повисоките глобални цени на храната, нафтата и гасот, поради војната во Украина. Колку и да ја покачи Народната банка каматната стапка, цената на нафтата на светските берзи нема да падне, ниту цената на храната. Затоа овие покачувања на каматата се повеќе од симболична природа, колку да се покаже дека Народната банка прави нешто околу инфлацијата, иако е јасно дека тоа нема да има големи ефекти врз цените – рече Јовановиќ.
Најновите податоци за инфлацијата покажуваат просечна инфлација од 10,9% во периодот јануари – јули 2022 година, при што три четвртини од овој раст и натаму се објаснува со растечките цени на храната и енергијата.
Сепак, месечната промена на потрошувачките цени покажува одредено забавување, а голем дел од месечниот раст се должи и на донесената одлука за промени во регулираната цена на електричната енергија. Воедно, годишната динамика на базичната инфлација остана стабилна.