Извештај на СБ: Создавањето работни места клучен предизвик за развој

Од:

Во Македонија треба да се создаваат повеќе работни места во приватниот сектор. Неопходна е нова динамика во создавањето продуктивни работни места  како двигател  на развојот, клучниот предизвик и за Македонија и за многу економии во светот.

Тоа се дел од ставовите изнесени на дискусијата за Светскиот извештај за развој за 2013: Работни места на Светската банка, што се одржа денеска во Скопје.

Јешко Хенчел, директор на секторот за човечки ресурси за  регионот на Јужна Азија во Светска банка, при презентацијата на извештајот укажа дека  во последните години во Македонија повеќето создадени нето работни места беа во земјоделството, јавниот сектор и во  малопродажниот сектор.

–  Релативно  малку луѓе беа вработени  во приватниот сектор, иако имаше создавање такви работни места. Клучното прашање е што се случува на ниво на фирмите во приватниот сектор, наведе Хенчел, укажувајќи дека за секое работно место  не е важна само индивидуалната вредност, туку неговото влијание и за останатите работни места и придонесот за целата економија.

Иако многу често се става акцент на средните и на големите фирми, посочи, анкетите покажуваат дека  токму малите микро фирми учествуваат  значително во зголемување  на продуктивноста во развојот.

Според Ана Ревенга, директор  во секторот за човечки развој за Европа и за Централна Азија, за  Македонија е клучен предизвик создавањето работни места, а ако сака  да го постигне истото ниво на вработување како во некои од своите европски соседи ќе треба тројно да го зголеми  степенот или темпото на развојот во наредните години. Тоа  е доста тежок предизвик. Тоа не е предизвик кој не е специфичен само за Македонија. Има многу други земји во Европа и светот  во кои креаторите на политиките се борат со прашањето како да се создадат повеќе работни места, наведе Ревенга.

Професор Никица Мојсоска Блажевски, декан на Економскиот факултет при Универзитетот Американ колеџ Скопје,  го оквалификува пазарот на работната сила во Македонија како многу статичен, со потреба од зголемување на вештините и поголема активност на младите  кои зафаќаат голем процент од невработените.

– Пазарот на работната сила е многу статичен, односно нема многу уништувања на работни  места и нема ниту многу креирања.  Во глобалната криза, креирањето на работните места во Македонија успори значително и македонската економија  во изминатите две до три години креира во просек околу 8.000 работни места. Ова е многу низок број, со оглед дека секоја година имаме 10.000 лица кои дипломираат на универзитетите, наведе Мојсоска Блажевски.

Таа порача дека  треба да се работи на подобрување на вештините на новодипломираните учесници на пазарот на трудот затоа што направените анализи покажале дека токму тоа било  причина за поплака  кај 20 проценти од работодавачите кои не можеле да најдат соодветни вештини.

Според анализите од Извештајот на Светска банка, на светот му се потребни 600 милиони нови работни места во наредните 15 години.

Би можело да ве интересира

Димитриеска-Кочоска на средби во Светска банка: Континуитетoт во поддршката од СБ од голема важност за нашата развојна агенда

А1он

Гувернерката Ангеловска-Бежоска на Годишните средби на ММФ и Светска банка

Средби со Светска банка: Светска банка со поддршка на реформските активности на Народната банка за пристапување кон СЕПА

Николоски на средби во СБ – Продолжуваме со спроведување на реформите дефинирани со нашите партнери, 695 милиони долари поддршка од СБ

Наместо замрзнување на цените, да се обезбедат подобро платени работни места препорачува Светска банка

Светска банка: Македонија со најнизок економски раст во регионот