Изготвена нова стратегија за национална инфраструктура на просторни податоци

Од:

Податоци од повеќе области, за катастарски парцели, просторно планирање, сообраќајна инфраструктура, статистика, хидрографија, заштитени еколошки зони,…. ќе бидат стандардизирани и достапни преку националниот геопортал. Пристапот до нив ќе биде побрз и полесен за граѓаните, компаниите и институциите. Особено ќе бидат корисни во случај на елементарани непогоди, но и за планирање инвестиции и други потреби на бизнисот.

Со новата двегодишна стратегија за национална инфраструктура на просторни податоци (НИПП) што ја претстави денеска Катастарот, до 2019 година Македонија треба да добие веродостојни и стандардизирани геопросторни податоци од 32 области.

Во активностите на стратегијата, изработена со помош на холандски експерти, се вклучени 18 државни институции, Стопанската комора на Македонија и Сојузот на стопански комори.

Според директорот на Агенцијата за катастар на недвижности Славче Трпески, ќе се олесни пристапот, споделувањето, употребата и дистрибуцијата на стандардизирани просторни податоци и услуги на ефикасен, ефективен и усогласен начин. Целта е да се одговори на потребите на приватниот и јавниот сектор и на граѓаните, а со тоа да се придонесе за економски раст и одржлив развој на државата.

– Во следните две години се очекува обемна и напорна работа што подразбира вклученост и посветеност на сите субјекти на НИПП кои треба да обезбедат и да стандардизираат податоци за 32 области од нивно дејствување и да бидат достапни на националниот геопортал за натамошно користење од државните органи, компаниите и граѓаните, рече на прес-конференција Трпески.

Заменик-амбасадорот на Холандија Андри ван Макс и проект менаџерот Паола Дијкестра најавија продолжување на поддршката за македонскиот катастар за натамошно подобрување на услугите за граѓаните и бизнисот.

– Проектот покажува дека можеме да работиме на остварување на нашите заеднички европски цели, кон транспарентност, добро владеење на правото и добра јавна администрација. За граѓаните и компаниите е важно да имаат пристап до овие податоци или кој било регистар на податоци, како и за инвестиците и бизнисот. Многу е важно да има добри катастарски мапи за делување во случај на поплави, земјотрес и други катастрофи. Мапите и овие податоци им помагаат на државните институции за просторно планирање и за развој на инфраструктурите, но и луѓето да имаат увид и да ги бранат имотните права, рече заменик амбасадорот Макс.

Претставувајќи ги придобивките од достапноста на податоците во Холандија проект менаџерот Дијкестра рече дека лани нивниот портал имал над четири милијарди посети или во просек 365 по жител.

Дијкестра најави дека во следните две години македонскиот Катастар ќе биде дел од нов проект наречен „Просторно“ поддржан од програмата на холандското Министерство за надворешни работи. Целта е поддршка на државите од регионот при зачленувањето во ЕУ и обезбедување пристап до професионални податоци.

Како што информира Трпески, со новата стратегија Македонија доби и препораки за модернизација, оптимизација и автоматска продукција на топографските карти. Со холандски експерти се утврдени сегментите каде може да се постигне подобрување со воведување одредени технолошки промени во производниот процес и во изработката на топографските карти.

Новата стратегија треба да биде усвоена од Советот на НИПП и од новата влада.

Би можело да ве интересира

Во првиот квартал 1.953 хипотеки на недвижности со вредност од 326.659.594 евра и 3.315.341.507 денари

Горан Наумовски

Прво намалување на цените на становите после четири години раст

Орце Костов

Рибароски: Агенцијата за катастар води хајка против приватните геодетски компании во спрега со судовите

Комора на геодетски друштва: Новиот тарифник е пресметка на директорот со приватните компании

Орце Костов

Поскапе имотниот лист: Катастар ги зголеми цените поради поскапата струја и повисоките плати

Орце Костов

Вработена во Агенцијата за катастар побарала поткуп од 2.000 денари

Горан Наумовски