Поефикасно спроведување на законите, избегнување на правната несигурност и на ненадејните промени во регулативите, бара Американската стопанска комора во Македонија (АмЧам) која го одржа 17. годишно Генерално собрание.
Според извршниот директор на АмЧам Мишел Османли, Комората е насочена кон промоција на лојалната конкуренција, зголемување на ефективноста на носењето и спроведувањето на законите, како и кон зголемувањето на учеството на бизнис заедницата во општо-корисните проекти и одговорната бизнис пракса.
Како што рече амбасадорот на САД Џес Бејли, бизнис лидерите можат да влијаат на зајакнување на владеењето на правото и на намалувањето на корупцијата само ако се одговорни во однос на високите општествени стандарди на чесност, интегритет и почит.
На Собранието, генералниот директор на Меккен ДОО – Скопје Јелена Арсовска и главниот извршен директор на винарската визба „Тиквеш“ Радош Вукичевиќ беа избрани за нови членови на Одборот на директори на АмЧам.
Арсовска и Вукичевиќ чиј мандат ќе биде две години, добија поддршка од преку 62 претставника на компаниите-членки.
Во АмЧам членуваат 118 организации од различни сектори кои се посветени на зајакнувањето на гласот на меѓународниот бизнис во Македонија, промоција на одржлива, предвидлива и конкурентна бизнис средина. Османли потенцира дека и покрај значајните економски предизвици со кои се соочува Македонија, забележано е стабилно зголемување на бројот членки за 20 отсто во последните четири години.