Избрана компанијата чие слатко ќе го брендираат млади креативци

Од:

„Јоми фуд“ од Велес е компанијата чие слатко ќе добие нов, автентичен дизајн и бренд идентитет од млади креативци во рамки на проектот што го спроведува Движењето „Браво сине“.

Асортиманот на слатко од повеќе овошја, присуството во малопродажбата и користењето домашна суровина, беа пресудни за изборот на „Јоми фуд“ меѓу повеќето компании кои се пријавија на повикот.

– Особено сме задоволни од интересот на компниите за подобрување на дизајнот и брендирањето. На повикот, од 17 јуни до 1 јули, се пријавија повеќе, но во потесниот круг влегоа две, „Јоми фуд“ и „Бонвивер“, која произведува интересни видови слатко, со додатоци – цимет, бадеми,… Сепак, поради нејзината слаба застапеност на пазарот, избрана е „Јоми фуд“, рече денеска на прес-конференција Ангелка Пеева Лауренчиќ, член на Управниот одбор на Движењето за поддршка на креативноста – Иво Лауренчиќ – „Браво сине“.

„Јоми фуд“ работи осум години, присутна е на домашниот и странскиот пазар. Насочена е главно кон производство на ајвар, но во портфолиото се и седум типови слатка, од вишна, портокал, дива капина, малина, зелена смоква, аронија и јагода по традиционален рецепт, со идеја да се вратат на трпезата и кај младите.

– Од новиот дизајн очекуваме поголема продажба зашто слатката ќе добијат нов лик, ќе бидат попрепознатливи и привлечни за потрошувачите, нагласи сопственикот на „Јоми фуд“ Зоран Аврамов.

Според него, атрактивната амбалажа е исклучително битна за продажба на производот, но квалитетот е пресуден.

Повикот за избор на млад креативец ќе биде распишан деновиве и ќе трае до 1 септември. Најдоброто решение ќе се објави на Skopje Design week и ќе добие 200.000 денари, парична награда што ја обезбеди Движењето за поддршка на креативноста – Иво Лауренчиќ – „Браво сине“.

– Сите дизајнери што ќе се пријават на конкурсот, имаат сериозен предизвик зашто кога се работи за конкретен клиент и производ, треба да се влезе во приказната и таа да се раскаже. Токму традиционалните производи кои имаат историја и приказна се шансата на Македонија во градењето брендови и продавање производи со поголема додадена вредност, истакна Марта Наумовска Грнарова, претставник на Skopje Design week.

Мотото на годинашната Skopje Design week е „Четврта смена“.

– Три години досега упорно потенциравме дека работиме за да ги соединиме компаниите и дизајнерите во насока на градење нови брендови што практично значи поттик на дизајнот во функција на бизнисот, потенцира Наумовска Грнарова.

Согласно договорот за соработка, „Јоми фуд“ треба да го промени целокупниот изглед на производите во рок од една година. Првите количини слатко со нов дизајн ќе бидат пуштени во маркетите за новогодишните празници.

Би можело да ве интересира

Македонските јаболка најпогодени од руските санкции, неизвесен извозот и на праската и црешата

Ана Ололовска

Николовски од Ресен: Производителите на јаболка за прв пат оваа година ќе имаат две исплати за субвенции

А1он

Бавен откупот на преспанското јаболко, производителите бараат продолжување на субвенциите

Ана Ололовска

Ниските утрински температури предизвикаа штети кај овошките во Тиквешко

Ана Ололовска

Зголемување на органското производство кај житата, овошките и грозјето, драстичен пад кај индустриските култури

Ана Ололовска

Преспанските јаболкари добија поддршка од ресенскиот градоначалник во барањата околу цената

Жарко Настоски