Инфлацијата во Аргентина забележа огромен годишен раст во март и сега изнесува 104,3 отсто. Ова е највисоката годишна стапка на инфлација во оваа земја од 1991 година, покажуваат податоците објавени од Националниот институт за статистика и попис.
Месечната стапка на инфлација изнесува 7,7 отсто. Тоа беше за 0,7 отсто повеќе отколку што прогнозираа аналитичарите анкетирани од Блумберг. Економистите анкетирани од Ројтерс дадоа попесимистичкa прогноза од 7,1 отсто
Вкупната инфлација за првите три месеци од годинава изнесува 21,7 отсто. Во февруари стапката на инфлација достигна 102,5 отсто, што значи дека цените на многу производи за широка потрошувачка се повеќе од двојно зголемени во однос на истиот период пред една година.
Најголем раст и најголемо влијание врз вкупниот индекс имаа трошоците за образование кои забележаа раст од 29,1 отсто на месечно ниво. Огромното зголемување се припишува на почетокот на учебната година.
Облеката, како и храната и безалкохолните пијалаци, каде што растот е предизвикан главно од цената на месото, млечните производи и јајцата, на месечно ниво поскапеа за 9,4 отсто и 9,3 отсто. Исто така, поради избувнувањето на птичјиот грип во Аргентина, цените на пилешкото и јајцата се зголемени за над 25 отсто.
Аргентина веќе неколку години по ред е меѓу земјите со највисока стапка на инфлација.
Буенос Аирес долго време се обидуваше да ја спречи инфлацијата, но поделбите ја поткопаа економската политика на земјата. Минатото лето тројца министри за економија се сменија меѓусебно за само четири недели, бидејќи економската криза се продлабочи.