Илиевски: Новата цена на метанот ќе се одрази на работењето на ЈСП, бараме субвенции од Владата

Од:

В.д. директорот на Јавното сообраќајно претпријатие Скопје Иван Илиевски денеска извести дека новата цена на метанот која на светските берзи порасна на 110 денари ќе се одрази врз работењето на претпријатието.

Како што појасни тој на денешниот брифинг, цената на метанот на 31.12.2021 година беше 50 денари за килограм, а новата цена е 110 денари. Со ова, разликата ќе биде околу милион евра дополнителен трошок за јавното претпријатие.

– Ако лани се потрошиле со цената од 31.12., 55 милиони денари за метан, во 2022 ако се задржи нивото на метанот 110 денари, ако не оди погоре, ќе биде околу 121 милион денари или 60 милиони повеќе, негде околу милион евра разлика во цена што е голем удар за работењето на Јавното претпријатие, нагласи Илиевски.

Затоа, побара од Регулаторната комисија за енергетика да може да ја регулира цената на метанот, односно да се замрзне нивото на цената од декември и побара како единствена и најбезболна опција централната власт да субвенционира дел од разликата во цената.

– Во овој момент барам помош и субвенција од Владата и исто така регулирање на цената на метанот за македонскиот пазар. Регулаторна комисија да се вклучи, да донесе некоја одлука за замрзнување на цените заклучно со цената на метанот на 31.12.2021 година, рече Илиевски.

Додаде дека доколку Владата не прифати да субвенционира дел од разликата во цената, ЈСП ќе побара дополнителни субвенции од Градот за да може да го надмине проблемот на работењето на претпријатието. Крајна опција, во случај да не ја добијат бараната помош е редуцирање на возниот ред.

Илиевски информира дека ЈСП во моментов располага со 33 автобуси кои возат на метан и годишната потрошувачка на метанот за 2021 година е милион и сто килограми метан. Километражата што овие автобуси ја поминуваат е околу 900 илјади километри на годишно ниво.

Во моментов, како што посочи, не се размислува за покачување на цената на билетот, ниту да има рестрикции на линиите, но исто така нема да има намалување на користењето на автобусите кои возат на ЦНГ, бидејќи, како што нагласи, еколошкиот момент е поважен од економскиот момент.

ЈСП, како што посочи Илиевски, во моментов има околу 250 милиони денари доспеани долгови према добавувачи од кои најголемиот дел е за гориво (180 милиони) и секако добавувачи кои се битни за нормалното функционирање и работење на претпријатието.

– Очекувам дека сите тие во текот на првиот квартал ќе се регулираат, дека ќе бидат исплатени сите добавувачи кои се доспеани и ќе продолжиме со нормално функционирање на претпријатието. Не се планира ЈСП да работи во загуба, рече Илиевски и додаде дека очекува во наредните шест месеци да биде значително подобрена состојбата во претпријатието.

Во однос на апаратите за звучна сигнализација во автобусите, Илиевски рече дека се донела одлука сите апарати кои се потребни за луѓето со попречености веднаш да бидат поправени и ставени во функција.

Информира дека во првиот квартал од оваа година е планирано да се обезбеди бесплатен превоз за пензионерите.

Би можело да ве интересира

Град Скопје: Срамно е да се злоупотребува најзагрозеното малцинство за политички цели

Нормализиран автобускиот сообраќај во Скопје, нафтата се испорачува сукцесивно

Стојановски: Се очекува утре изутрина да има нормализиран автобуски превоз во Скопје

Горан Наумовски

Азизи: Владата вонредно заседаваше, донесена одлука да се позајмат на градот Скопје дел од нафтените резерви на државата

Нафта од државните резерви за Градот Скопје за решавање на проблемот со автобусите

Град Скопје: Со часови се чека автобус за училиште и работа поради суетата на Мицкоски

Горан Наумовски