Комапнијата „Хонда“ во својата фабрика во Охајо, во САД, почна со инсталирање на турбина за добивање електрична енергија од ветрот.
Кога електраната на ветер ќе почне да работи со полн капацитет, ќе задоволува 10 отсто од потребите на фабриката за струја.
На овој начин, „Хонда“ ќе стане првиот производител на автомобили во САД чии погони ќе добиваат значително количество електрична енергија од ветерниците поставени во кругот на фабриката.
Турбините на ветер имаат капацитет од околу 10 гигават часови годишно, а со нивното инсталирање „Хонда“ ги заокружува напорите своето производство, но и своите автомобили да ги направи еколошки поприфатливи.
Компанијата си постави за цел до 2020 години да ја намали емисијата на ЦО2 од своите автомобили за 30 отсто, во споредба со 2000 година. Освен тоа, во план е и значајна редукција на емисијата на јаглен-диоксид што настанува како продукт на производството на автомобилите на компанијата „Хонда“.
Јапонскиот производител им се придружи на напорите на другите автомобилски компании што имаат погони во САД, своите фабрики да ги направат „позелени“.
Кон крајот на јануари, „Фолксваген“ во Тенеси ја пушти во работа својата соларна електрана која подмирува 12,5 отсто од потребите на оваа фабрика за електрична енергија.