Хајделберг факултет: Дуалното образование е клучот за поврзување на младите со компаниите и за создавање кадар подготвен за реалната економија

Од:

Дуалното образование не е само образовен модел, туку стратешка инвестиција во иднината на младите, компаниите и македонската економија. Ова беше главната порака од форумската дебата „Дуално образование – врска меѓу компаниите и студентите“, што се одржа на Хајделберг факултет во Скопје, а каде учествуваа Бранко Азески, претседател на Стопанската комора на Северна Македонија, Димитар Клисаровски, потпретседател на Шведско-Македонската стопанска комора, Орце Симов, професор на Хајделберг Бизнис школа, Дарко Велков, извршен директор на вработување.мк, Сами Морина, член на Одборот на директори на Стопанската комора на Северозападна Македонија, Антје Ванделт, делегат на AХK – Германско-Македонската економска асоцијација, Елиза Пренџов, претседател на Американско-балканската глобална стопанска комора и Бобан Попески, главен извршен директор на Локпорт Фајненс, САД.

Настанот отвори суштинска дискусија за едно од најважните прашања за иднината на земјата: како образованието да престане да создава само дипломи и да почне да создава млади луѓе подготвени за реалниот живот, за реалните компании и за пазар на труд кој се менува побрзо од кога било.

Проф. д-р Синиша Наумоски, генерален директор на Хајделберг, истакна дека суштинската мисијата на Хајделберг факултетот е да понуди образование кое ги поврзува академското знаење, практичната работа и директната соработка со компаниите: „Мора конечно да започнеме да создаваме млади луѓе подготвени за реалниот живот и за компаниите. Студентите на Хајделберг факултетот не се само слушатели во образовниот процес, туку партнери во модел кој им овозможува уште за време на студирањето да работат во компании, да стекнуваат искуство, да се развиваат професионално и да ја градат својата иднина дома. Најголемата инвестиција денес не се згради, автомобили или бројки на сметка. Најголемата инвестиција е образованието што можеме да им го дадеме на младите“, истакна Наумоски.

Централна тема на дискусијата беше прашањето што навистина бараат компаниите од младите. Работодавачите сè повеќе бараат млади луѓе со практични вештини, самостојност, комуникациска способност, критичко размислување, иницијатива и подготвеност за постојано учење.
Бранко Азески, претседател на Стопанската комора на Северна Македонија, истакна дека дуалното образование е модел кој може да ја намали празнината меѓу она што го нуди формалното образование и она што го бара реалниот сектор: „Бизнисот бара вештини. Бизнисот бара употребна вредност што знае еден млад човек да направи кога ќе дојде на работното место. Ако сакаме државата да оди напред, мора да вложуваме во образованието“, порача Азески.

Младите не треба да влезат на пазарот на труд дури по дипломирањето, туку многу порано, преку пракса, менторство, реални задачи и директна работа со компании, а тука дуалното образование ја покажува својата најголема вредност, беше главната порака.
Според Дарко Велков, извршен директор на Вработување.мк, „работодавачите денес најмногу бараат способност за самостојно учење, комуникација на работното место и решавање проблеми. На факултет секој проблем има решение на крајот од книгата. На работа нема готови решенија, треба сам да ги најдеш. Токму затоа практичното искуство е клучно“, истакна Велков.

Од меѓународна перспектива, Бобан Попески, главен извршен директор на Локпорт Фајненс, САД, истакна дека глобалниот пазар веќе функционира според нови правила каде „вештачката интелигенција ќе автоматизира дел од задачите што денес се учат и работат, но човечките компетенции, комуникација, лидерство, продажба, носење одлуки под притисок и решавање комплексни ситуации, ќе останат пресудни. Тие што ќе почнат порано да работат, да грешат и да учат во реална средина, многу подобро ќе се снајдат во иднината. Во новата економија, покрај дипломата, искуството е пресудно“, порача Попески.

Антје Ванделт, делегат на AХK – Германско-Македонската економска асоцијација, го претстави германскиот модел на дуално образование како систем во кој компаниите, коморите и образовните институции заеднички ги градат наставните програми, стандардите за квалитет и практичната обука. „Иднината на образованието нема да биде во акумулирање информации. Информациите се достапни. Она што е потребно е младите да научат како да управуваат со информациите, како да ги користат технологиите и како да носат решенија“, истакна Ванделт.
Според Елиза Пренџов, претседател на Американско-балканската глобална стопанска комора, „Адаптабилноста, комуникацијата и способноста за професионално однесување во бизнис-средина се клучни. Практиката им помага на студентите да откријат каде се нивните таленти, каде имаат најголем интерес и во која насока можат најмногу да се развиваат“.

Панелистите се согласија дека Македонија има млади луѓе со потенцијал, но системот мора да им понуди повеќе можности, поголема поврзаност со компаниите и јасна перспектива за развој. Практиката, менторството и работното искуство за време на студирањето се клучни за младите да останат мотивирани, конкурентни и подготвени да градат кариера во земјата.

Заклучокот од дебатата е дека дуалното образование треба да стане пошироко применет модел, затоа што создава корист за сите страни: студентите добиваат знаење што веднаш може да се примени, компаниите добиваат кадар подготвен за реални работни процеси, а економијата добива основа за поголема продуктивност, иновации и конкурентност.

Хајделберг факултетот во Скопје, како прва високообразовна институција во Македонија и пошироко во регионот која системски го применува моделот на дуално образование, ја потврди својата улога како иницијатор на нов пристап во образованието – пристап во кој студентите учат, работат, стекнуваат искуство и се подготвуваат за иднина во која знаењето мора да биде поврзано со реалната економија.
Дуалното образование повеќе не е прашање на избор, туку потреба. Прашањето не е дали ни треба ваков модел, туку колку брзо и колку квалитетно можеме да го развиеме за да создадеме генерации кои ќе бидат подготвени да успеат – и дома и на глобалниот пазар.

Би можело да ве интересира

Црна Гора e традиционално важен стратешки пазар за „Алкалоид“

Трипуновски: Интерпелацијата е неиздржана, имаме повеќе сработено за две години за разлика од нивните седум години

Продолжува мерката за намалување на акцизите на нафтените деривати, Владата очекува намалување на малопродажните цени

Димитриеска-Кочоска на средба со претставници на Светска банка: Потврдена поддршката за реформите и развојните приоритети на државата

Николоски: Скопскиот и охридскиот аеродром лидери во регионот

Предраг Петровиќ

Роботи кучиња на Баер ги штитат посевите со пченка вредни повеќе милиони долари