Гувернерот на Централната банка на Грција Јоргос Провопулос и министерот за финансии Јанис Стурнарас се оптимисти за економијата на земјата.
Во интервју за весникот „Фајненшл тајмс“ за време на посетата на Лондон тој истакна дека најлошото за Грција завршило и оти доказ за тоа е фактот дека се изгласани законите, вклучени во антикризната програма на Владата во Атина и оти владејачката тројна коалиција брза да ги реализира сите цели содржани во неа.
Првопулос нагласи дека од јуни до крајот на декември во грчките банки се вратени во форма на депозити околу 15 милијарди евра. Тој е оптимист и во однос за рекапитализацијата на грчките банки, нагласувајќи оти е возможно да биде постигнато десетпроцентно учество на приватните банки во тој процес.
Првопулос се надева дека банките, кои треба да добијат пристап до капиталните пазари до крајот на април ќе можат да се соочат со таа ситуација.
Министерот за финансии Стурнарас во интервју за Би-Би-Си нагласи дека го има истото мислење со гувернерот на Централната банка.
– Најлошото во Грција помина и растот на грчката економија ќе почне од 2014 година, рече тој.
Стурнарас нагласи дека веројатноста Грција да излезе од еврозоната во моментов е мошне мала.
– Успеавме да ја трансформираме економијата, од пазарите има повеќе оптимизам. Влоговите се враѓаат во банките, владата ги плаќа задоцнетите задолжувања кон државниот сектор и има промена во однос на Европејците кон нас. Со оглед на тоа дека сите клучни фактори се позитивни, ние сме минале две третини од патот за постигнување на нашите цели, така што нашите граѓани веќе можат да се надеваат на подобро, нагласи грчкиот министер за финансии.