Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски денеска на прес-конференција апелираше до новата Влада да продолжи со разговорите со потенцијалните странски инвеститори и да привлекува други коишто ќе креираат нови работни места. Груевски критикуваше исто така и дел од најавените мерки на Владата за привлекување странски инвеститори.
После три месеци од работата на новата Влада на СДСМ, според него, во Македонија нема нови странски инвестиции и новоотворени работни места.
– Апелирам Владата да продолжи да отвора нови работни места и преку домашните компании и преку носење на странски компании, рече Груевски. Според него, странските компании кои отворија свои капацитети во Македонија значително помогнале во намалувањето на невработеноста од 38 отсто на 22, 9 отсто кога ВМРО-ДПМНЕ ја напушти Владата.
Без да ги соопшти имињата, Груевски на прес-конференцијата посочи на шеесетина компании со кои Владата на ВМРО-ДПМНЕ била, како што кажа, во длабока фаза на преговори за инвестирање во Македонија. Станува збор за компании од различни индустрии од САД, Германија, Белгија, Италија, Словенија и други земји кои доколку би инвестирале во земјата, како што кажа Груевски, би отвориле над 20.000 нови работни места. Некои од нив, според она што го посочи лидерот на опозициската партија, во изминатите три месеци немале контакт со новата Влада, се откажале од натамошни преговори, но има и такви кои се уште би можеле да инвестираат односно треба да донесат одлука за инвестирање во Македонија.
Како исклучително штетна, тој ја оцени одлуката за декласифицирање и објавување на субвенциите кои се даваат на странските инвеститори во Македонија. – Со оваа нова одлука Владата ја руши конкуретноста на државата во однос на другите соседни и регионални држави кои исто се натпреваруваат за инвестиции, рече Груевски.
Најавеното објавување, како што кажа, на еден вид официјално објавен ценовник за државната помош ќе резултира со многу загубени битки во однос на привлекувањето компании од странство.
Најавата за постепено зголемување на даноците, според Груевски, не е само лоша вест за странските туку уште повеќе и за домашните инвеститори.
– Од повеќето објавени параметри се гледа дека влеговме во период на стагнација на економијата и лоши резултати по речиси сите основи. Освен како критика, очекувам ова да се сфати и како рано предупредување до Владата, рече лидерот на опозицијата посочувајќи на забележаниот одлив на странски инвестиции.
Смета дека најавата дека секој инвеститор кој ќе сака да дојде во Македонија ќе добие услов дел од набавките да му бидат од Македонија ќе одврати многу компании.
За, како што рече, градењето атмосфера дека странските инвеститори многу добиле во Македонија, дека платите биле ниски и слично, Груевски истакна дека нивната стратегија била да привлекуваат компании кои бараат висококвалификуван кадар, но и ниско квалификуван кадар бидејќи се грижеле за сите граѓани. Се прашува дали, како што кажа, Владата не знае или не сака да отвори нови работни места или некому во Владата или околу неа не му одговара отворање на нови работни места заради тоа што ќе треба на работниците во нивните фабрики да им ги зголемуваат платите.
Многу загрижувачки сигнал, Груевски исто така се и министрите за привлекување инвестиции. Го критикуваше и повлекувањето на 33 инвестициски промотори од Европа, Америка и Азија, како и објавувањето дека Македонија нема да се рекламира на CNN и на други светски медиуми сметајќи го како непотребен трошок.