Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски денеска на својот Фејсбук профил најави дека првата фаза од примарниот гасовод од Скопје преку Тетово до Гостивар треба да заврши во следните година и пол до две доколку работите се одвиваат со актуелната динамика.
– Дури и во овие моменти кога се отворени сериозни прашања и предизвици во земјата, суштински важни за нејзиното понатамошно постоење и начин на функционирање, ВМРО-ДПМНЕ се труди Македонија да оди напред и да го испорача тоа што го вети на народот и на сите граѓани не делејќи ги по етничка, верска, политичка или било каква друга основа. Додека Заев работи на залажување на албанските граѓани со понуди од кои квалитетот на нивниот живот нема да се подобри, ВМРО-ДПМНЕ реализира конкретни работи, им овозможува на Македонците, Албанците, Турците, Ромите, Србите, Бошњаците и Власите во полошкиот регион да добијат примарен гасовод за доток на природен гас, напиша Груевски.
Веднаш потоа се планира почетокот на следната фаза која опфаќа изградба на гасоводот до Кичево со кој граѓаните и компаниите од оваа општина ќе добијат природен гас.
– ВМРО-ДПМНЕ на сите граѓани им нуди многу конкретни работи кои ќе го подобрат животот, ќе ги намалат трошоците за домаќинствата и компаниите, ќе го поттикнат бизнисот и ќе привлечат повеќе фабрики и капацитети кои ќе отвораат нови работни места. Достапноста на гас ќе влијае и за поеколошки чиста животна средина и директно ќе влијае за намалување на загадувањето на воздухот. Истовремено тој ќе биде од корист и за земјоделците кои со енергија од природниот гас ќе имаат можност по пониски трошоци да ги затоплуваат своите оранжерии, вели Груевски.
Тој додава дека ова е нивно изборно ветување за полошкиот регион и потсетува дека веќе се работи и на гасоводот Штип – Неготино каде градежните работи се повеќе од 50 проценти завршени. Овие два примарни гасоводи се во вкупна вредност од 45 милиони евра.
– Реализацијата на ваквите и многу други проекти, остварувањето на политики кои се за сите граѓани е и порака до сите кои сакаат да ја растурат земјата дека нема да им се дозволи тоа, ниту да го урнат соживотот во Македонија, преку делби, поделби, отворање на прашања кои не се предмет на соживот туку извор на конфликтност. ВМРО-ДПМНЕ понатаму ќе продолжи да гради и создава, да исполнува ветувања од кои корист ќе имаат сите граѓани на Македонија, и Македонците, и Албанците и сите останати, нагласува Груевски.
Апсолутна невистина е, вели Груевски, дека ВМРО-ДПМНЕ има нешто против одредени заедници во Македонија.
– Ние создаваме можности за сите и градиме за сите. ВМРО-ДПМНЕ се грижи за сите. Тоа не разликува од СДСМ. Тие се расфрлаат со нереални ветувања и никогаш не ги исполнуваат. ВМРО-ДПМНЕ ветува реално и реализира без остапување, пишува Груевски на својот Фејсбук профил.