Досега ниту еден субјект нема пријавено некакви загуби од трговската блокада што ја наметна Косово.
Ова го истакна премиерот Никола Груевски во одговор на прашање поставено од пратеникот Оливер Спасовски од СДСМ на денешната собраниска седница посветена на пратенички прашања.
– Сепак, се работеше за еден релативно кус период на сите овие случувања, така што засега немам податоци од некоја страна дека биле пријавени некакви загуби за да можам да ви одговорам колкави биле. Вчера имав прилика да бидам во разговор со поголем број стопанственици по моето обраќање и немаше некој што отвори такво прашање дека има некакви загуби, рече премиерот Груевски.
На прашањето од Спасовски дали УЈП ќе го испита потеклото на имотот и на министри и членови од ВМРО-ДПМНЕ как што се бара од Заев, премиерот Груевски одговoри дека верува оти УЈП брзо ќе реагира и ќе ја заврши таа работа и ќе ги објави резултатите, бидејќи, како што рече, се работи за јавен повик од пратеник.
– Го разбирам напорот на пратеникот Спасовски во оваа ситуација и во време кога претседателот на партијата каде што тој е генерален секретар е соочен со некои работи кои не му се баш многу пријатни, па сега се обидуваат да ја сменат темата или да набедат некој друг за нешто друго. Како и да е нема никаков проблем УЈП да изврши проверка на имотната состојба, односно на потеклото на имотот на функционери од власта. Јас би ги повикал УЈП нека си ја завршат таа проверка и нека ја објават, нагласи Груевски.
Нема никакво сомнение. истакна премиерот, дека ако некој нешто направил спротивно на закон тоа треба да се процесуира во органите кои се задолжени за тоа во државата.