До крајот на оваа и во нареданата година се очекуваат 15-ина инвестиции во Македонија кои се речиси потврдени од компаниите. Идниот месец своето влегување ќе го објави компанија од областа на автомобилската индустрија. Тоа ќе биде браунфилд инвестиција во Кичево со сто работни места кои по три години ќе се зголемат на 700. Неа ја најави премиерот Никола Груевски денеска во Ростуше.
– Очекувам првата таква фабрика влегувањето во Македонија да го објави во септември. Инвестицијата е од автомобилската индустрија и треба биде лоцирана во Кичево. Ќе почне како браунфилд инвестиција, што значи во објект на постојна фабрика, ќе почне со сто вработувања, а ќе завршИ со околу 700 за период од три години. Во Технолошко-индустриската развојна зона во Кичево, која се гради, компанијата паралено ќе ја гради својата фабрика. Тоа е прилично сигурно, но останува компанијата да ја објави инвестицијата во септември и да ги почне подготовките за прием на првите вработени до крајот на годинава, изјави премиерот Груевски.
Посочи дека и од други компании се очекува наскоро да ги објават своите намери да отворат капацитети во Македонија, односно во Велес, Кочани, Скопје, Штип.
– Да оставиме времето да дојде, да созреат нивните планови и сами да одлучат кога ќе ги изнесат. Според нашите пресметки, доколку тоа што ни го имаат најавено, како прилично сигурно и безмалку потврдено, во следните четири месеци и во наредната година најавени се околу 15 капацитети, додаде Груевски по посетата на Ростуше.