Поранешниот грчки министер за финансии Јанис Варуфакис во 2015 подготвувал план за воведување паралелна валута во Грција, тврди советникот во грчкото Министерство за финансии, Јужнокореанецот Глен Ким.
Реализацијата на тој план требало да започне од државната администрација, со тоа што на државните службеници ќе им се дадат ваучери што покриваат 10 отсто од нивните бонуси. Со тие ваучери било предвидено тие да ги отплаќаат долговите.
Економистите сметале дека ако тој систем проработи, ќе може да се прошири и во други сектори.
Според Ким, кој беше советник на Варуфакис, но е и на актуелниот грчки министер за финансии Еуклидис Цакалотос, планот бил разгледуван и со банките и доколку времето дозволело тој ќе можел да биде реализиран.
Според „Катимерини”, за планот за паралелна валута во Грција на поранешниот министер Варуфакис не се говори јавно првпат, но ново сега е тврдењето на советникот дека сето тоа било близу до реализација.
Глен Ким е поранешен вработен во банкротираната компанија „Лемон Брадрс“. Неговото име се споменува при многу од аферите и банкроти во Европа последниве 20 години. Во Грција, тој дојде за време на кулминација на финансиската криза.