Педесeттина лица од Крива Паланка и Ранковце аплицирале на повикот за грант за самовработување во Подрачната единица на Агенција за вработување во овој град.
Рокот за аплицирање истече на 10 март, а ова е само една од активните мерки од Оперативниот план за вработување за 2017 година на Агенцијата за вработување на Република Македонија.
– Младите невработени лица од двете општини пројавија голем интерес за мерката за самовработување со грант-неповратни средства. Висината на грантот изнесува 246.000 денари, а за дополнително вработување 92 илјади денари, изјави Грозде Ѓоргиевски, раководител на Подрачната единица на Агенцијата за вработување во Крива Паланка.
Резултатите од првата селекција ќе бидат објавени кон крајот на следниот месец, а во мај ќе се спроведе втората селекција на кандидатите.
– На годишно ниво од 30 до 40 млади невработени лица од Крива Паланка и Ранковце добиваат можност за отпочнување сопствен бизнис и да станат млади претприемачи кои сами ќе ги менаџираат своите финансиски приходи, рече Георѓиевски.
Невработените лица од општината можат да аплицираат за поволности од тековните огласи од активните мерки за обука со самовработување со кредитирање, за вработување млади лица до 29 години за микро и мали претпријатија, бесплатни обуки за напредни ИТ вештини, а во тек е и оглас за практиканство во траење до три месеци.