Годинава поевтино парно греење

Од:

„Балкан енерџи“ бара од Регулаторната комисија за енергетика да ја намали цената на парното и да грее до 23,30 часот. Барањето е веќе подготвено и е на пат кон Регулаторната комисија за енергетика, која ќе го има крајниот збор. Регулаторите велат дека за завршување на процедурата нема да треба повеќе од два месеца, доколку документацијата на „Балкан енерџи“ е во согласност со Правилникот за снабдување со топлинска енергија и Методологијата за пресметка на цената на парното, пишува денеска „Утрински весник“.

Компанијата која од почетокот на годинава го снабдува Скопје со топлинска енергија проценила дека може да испорачува сметки помали за пет проценти. За таа цена, пак, скопјани ќе добијат два и пол часа подолго затоплување. „Балкан енерџи“ за производство на топлинската енергија ги користи трите топлани Запад, Центар и Исток кои ги презема од „Топлификација“, како и гасната централа „Те-то“, која произведува електрична и топлинска енергија.

Компанијата до Регулаторна треба да понуди пресметки со кои ќе го аргументира барањето за намалување на цената кои треба да се во согласност со Правилникот и Методологијата. За промена на времето на испораката на топлинска енергија треба да се менува членот на Правилникот кој сега го ограничува загревањето на становите од 6 до 21 часот. Во Регулаторна велат дека периодот од два месеца ќе биде доволен за организирање јавна расправа на која ќе треба да го слушнат мислењето на граѓаните за иницијативата, како и за одржување седница на Комисијата.

Ако „Балкан енерџи“ максимално го користи капацитетот на „Те-то“, тогаш ќе може да затоплува подолго од 21 часот, бидејќи гасната централа ќе функционира 24 часа. Со нејзината работа се задоволува околу 30 проценти од потребите за греење на над 50.000 семејства во главниот град.

Со изградба на уште една гасна централа со ваков капацитет во другиот дел од градот, коментираат експерти, може целосно да се задоволат потребите на градот. Пареата е спореден производ од работата на централата, која поради модерната технологија е многу поефикасна од топланите. Тоа, според очекувањата на експертите, за граѓаните би требало да значи подобра услуга и поквалитетно затоплување, како и продолжување на греењето по 21 часот.

„Балкан енерџи“ во почетокот на годинава комплетно го презеде бизнисот на „Топлификација“. За трите топлани ќе и’ плаќа закупнина од околу милион евра годишно. Најголемиот дел од вработените во компаниите за производство, дистрибуција и снабдување со топлинска енергија преминаа во „Балкан енерџи“.

Досега, корекцијата на цените на парно греењето имаше само нагорен тренд. Последното поскапување се случи во август минатата година, кога Регулаторната комисија за енергетика дозволи да се зголеми цената за 3,15 проценти за корисниците на услугите на „Топлификација“ и за 3,75 проценти за тие што ги користат услугите на топланата „Скопје Север“. Како причина за поскапувањето на парното греење беше наведена високата цена на мазутот. Минатиот месец, пак, по извршеното порамнување на сметката на компанијата, беше утврдено дека „Топлификација“ не само што не е во загуба туку на огромен број скопјани им има дебело натплатено за услугата што ја испорачува. Поради тоа, многу семејства добија сметка од нула денари за декември, а на некои ќе им бидат вратени и пари.

Би можело да ве интересира

Бислимовски: Цената на парното греење во Скопје ќе биде стабилна до следното лето

Почна грејната сезона во Скопје

Катерина Ѓуровски

Грејната сезона почнува на 15 октомври, Регулаторна апелира да се платат сметките и да се проверат инсталациите

Катерина Ѓуровски

Бислимоски: Сметките за парно за најголем дел од скопските домаќинства ќе бидат пониски за 3,16 отсто

Се намалува цената на парното

АД ЕСМ: Грејната сезона продолжува поради временските услови