Цените на храната во светот во јули достигнаа најниско ниво за последните шест месеци поради големото поевтинување на житарките, на маслодајните растенија и млечните производи.
Со тоа се неутрализирани високите цени на месото и шеќерот, соопшти Агенцијата на ОН за исхрана и земјоделство (ФАО).
Ценовниот индекс на ФАО, кој ги мери месечните промени на цените за потрошувачката кошница, минатиот месец се намалил на 203,9 поени, односно за 4,4 поени или 2,1 отсто во однос на јуни.
Цените на житарките многу се намалија благодарејќи на големото производство и добрите перспективи за извоз на повеќе земји-производители на житни култури, така што индексот на цените на житарките минатиот месец забележа пад на 185,4 поени, што е за 10,7 поени пониско во однос на јуни.
– Цените на прехранбените намирници во следните 10 години би требало да бидат стабилни, имајќи предвид дека светските производители го зголемија производството како одговор на ценовните шокови кои ги предизвикаа насилните протести во изминатата деценија, се наведува во извештајот на ФАО.
Ембаргото на Русија врз увозот на храна од државите кои се придружија кон санкциите против Москва, според оценките на ФАО, веројатно ќе има само делумно влијание врз глобалните цени на храната и ќе им наштети на голем број земјоделци.