„Газпром“: Згаснатата компресорска станица на „Северен тек – 1“ не е безбедна- нема испорака на гас за Германија

Од:

Рускиот енергетски гигант „Газпром“ денеска соопшти дека добил официјално предупредување од руските регулатори дека згаснатата компресорска станица „Портоваја“, што требаше да испумпува гас за Германија преку гасоводот „Северен тек-1“, не ги исполнува безбедносните стандарди.

„Газпром“ пред три дена соопшти дека забележал истекување на моторно масло од турбината која во тој момент сè уште работела во „Портоваја“ и дека ќе ја прекине испораката на природен гас додека не се отстрани дефектот.

Руската компанија, денеска ја цитираше компанијата „Сименс Енерџи, која врши ремонт на турбините на „Северен тек“, за тоа дека „истекувањето масло може да го поправи само специјализирана компанија“.

„Газпром“ во соопштението наведува дека „Портоваја“ сега е „опасен производствен капацитет“ и дека повеќе не може да работи легално.

„Сименс енерџи“ во саботата соопшти дека никој не побарал од неа да ја изврши поправката и дека истекувањето на маслото не треба да влијае врз функционалноста на турбината и дека дефектот може да се санира на лице место. Од оваа компанија соопштија и дека „Портоваја“ има на располагање и други турбини.

Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, денеска го повтори ставот на Москва дека проблемите со испораките на гас од Русија се единствено резултат на санкциите на Западот.

Европа ја обвини Русија дека користи гас како оружје како одмазда за санкциите наметнати на Москва поради нејзината инвазија на Украина.

Извор: МИА

Би можело да ве интересира

Песков: Подготвени сме да разговараме за продолжување на транзитот на гас во Европа преку Украина

Русија: Пет лица повредени, 54 евакуирани поради експлозија на гас

Рекордни количества плин купуваат европските земји од Русија

Српската влада формираше тимови за преговори со Русија за долгорочен план за снабдување со гас

Катерина Ѓуровски

Русија годинава извезла повеќе гас во Европа отколку во 2023 година

Пет понуди на повикот за изградба на интерконекторот со Грција