Африканската унија доби статус на постојана членка на Групата 20 водечки светски економии, соопшти денеска индискиот премиер Нарендра Моди.
Тoа дава дополнителна динамика на неговата потрага да му даде „посилен глас“ на Глобалниот југ, како домаќин на овогодинешниот самит на Г20.
Најавата дојде на првиот викенд на самитот на Г-20, кој доаѓа во време на растечки глобален јаз и со отсуство на некои клучни играчи кои се закануваат да го оневозможат постигнувањето консензус за најтешките прашања.
Имаше широка поддршка за членство во Африканската унија, која се состои од 55 земји, и таа стана вториот регионален блок во Групата 20, по Европската унија.
„Го поканувам претставникот на Африканската унија да седне на своето место како постојана членка на Г-20“, рече Моди, кој се ракуваше со актуелниот претседател на АУ, претседателот на Коморите, Азали Асумани, и го прегрна топло пред да го покани да седне на масата.
Моди го направи давањето глас на Глобалниот југ централен дел од овогодинешниот самит, а приклучувањето на АУ на самиот почеток на собирот е силен чекор во таа насока. На отворањето на самитот, најмалку една петтина од лидерите на Г-20 не беа во Њу Делхи.
Претседателите на Русија и Кина, Владимир Путин и Кси Џинпинг одлучија да не доаѓаат, шпанскиот премиер Педро Санчез не можеше да присуствува бидејќи беше позитивен на коронавирусот, додека мексиканскиот претседател Андрес Мануел Лопез Обрадор исто така одлучи да го пропушти самитот.
Американскиот претседател Џозеф Бајден пристигна во Њу Делхи, а американските власти се обидоа да го минимизираат фактот дека украинскиот претседател Володимир Зеленски не беше поканет да се обрати на самитот на Г-20, како што правеше досега, виртуелно или лично, на слични меѓународни форуми по нападот на Русија на неговата земја пред повеќе од 18 месеци.
Русија го испрати министерот за надворешни работи Сергеј Лавров на самитот на Г20, додека Турција ја претставува претседателот Реџеп Таип Ердоган.
Самитот на Г20, кој се состои од Аргентина, Австралија, Бразил, Канада, Кина, Франција, Германија, Индија, Индонезија, Италија, Јапонија, Мексико, Русија, Саудиска Арабија, Јужна Африка, Јужна Кореја, Турција, Велика Британија, САД и претставници на Европската унија, односно на администрацијата во Брисел, се одржува на 9 и 10 септември.