Во резиденцијата на британскиот амбасадор во Скопје синоќа беше промовиран првиот Клуб на одговорни бизниси во Македонија во кој ќе може да членуваат сите заинтересирани македонски компании без разлика на нивната големина.
Целта е да се овозможи поинтензивна и суштествена соработка меѓу бизнисите и граѓанскиот сектор во промовирање на принципите на општествена одговорност.
Основач на Клубот е организацијата „Конект“, а иницијативата за неговото формирање е поддржана од 50-тина македонски компании.
– Ваквиот начин на здружување и партнерство на бизнисот со граѓанскиот сектор во Британија се практикува веќе 30-тина години. Водејќи се од успехот на оваа платформа која кај нас работи под директно покровителство на неговото величество – Принцот Чарлс, ние успеавме да ја прошириме и глобално, обезбедувајќи поддршка за над 130 вакви независни организации и клубови во 67 земји, истакна британскиот амбасадор Чарлс Гарет.
Извршната директорка на „Конект“, Никица Кусиникова посочи дека клубот е отворен за сите заинтересирани компании и оти е важна нивната посветеност за учество во реализацијата на заедничките проекти.
– Покрај здружување на идеите и ресурсите, Клубот претставува и место каде бизнисите можат континуирано да ги унапредуваат знаењата, да градат капацитети и да создаваат партнерства со граѓанските организации и институциите, за што ќе им бидат ставени на располагање сите стручни капацитети и експертиза на организацијата „Конект“, чија задача ќе биде континуирано да им помага на членките и на самиот Клуб да ги реализираат сите активности преку примена на најдобрите европски приоди и практики во доменот на општествената одговорност, рече Кусиникова.
Со Клубот ќе раководи Одбор во кој ќе членуваат менаџери од успешни македонски компании кои имаат искуство во областа на општествената одговорност.
Според Живко Мукаетов, претседател на Управниот одбор и генерален директор на „Алкалоид“, формирањето на оваа платформа, ќе претставува синергија на бизнисите, граѓанскиот сектор и институциите за што поголема мобилизација за справување со предизвиците во општеството и креирањето на решенија за одржлив развој на заедницата.
Иницијативата за формирање на Клубот се реализира во рамки на проектот „Граѓанското општество посилно со бизнисот и граѓаните“, финансиран од Европската Унија.