Иновативниот нискотарифен авиопревозник „Флајдубаи“ на 19 јануари 2013 година ќе ги почне летовите од Дубаи до Мале, главниот град на островската земја Малдиви, а со тоа оваа атрактивна туристичка дестинација ќе биде поблиска до македонските граѓани за подостапни цени.
Превозникот ќе оперира петпати неделно меѓу Терминалот 2 во Дубаи и меѓународниот аеродром „Ибраим Насир” на малдивскиот остров Мале.
Компанијата со ова го зголемува своето присуство на индискиот потконтинент на девет точки во шест земји. Новата рута ќе им овозможи на патниците од регионот на Дубаи да уживаат во една од најпознатите светски дестинации за одмор со авиобилети по достапни цени.
-Навистина сме возбудени што го додадовме Мале во нашата мрежа со дестинации. Како прв нискотарифен превозник од ОАЕ до Малдиви, ние уште повеќе го приближуваме овој островски рај до патниците од целата наша мрежа. Со помош на иновациите и извонредната услуга, нуди посебен нискотарифен модел. Оваа понуда се покажа како многу популарна меѓу нашите патници и несомнено ќе биде привлечна за сите што сакаат да го искусат едно од врвните светски места за одмор по достапна цена, вели Гаит Ал Гаит, извршен директор на Флајдубаи.
Инаку, Малдивите се сметаат за една од врвните светски локации за одмор. Се состои од 1.190 корални острови, формирани околу 26 природни атоли во вид на прстен и распоредени на повеќе од 90 илјади квадратни километри. Со највисоката точка од 2,4 метри над морето, оваа Република е најниската земја во светот, што ја прави рај за сите што обожуваат вода.