И покрај оптимизмот, кој во последно време царува во грчката Влада и по посетата на германскиот министер за финансии Волфганг Шојбле на Атина, земјата е далеку од целта за постигнување на економски раст во 2014 година, оценува британското списание „Економист“.
– Кревката грчка Влада лансира задоцнети реформи во Парламентот по наредба на Европската унија и Меѓународниот монетарен фонд во момент кога разлутени демонстранти на плоштадот Синтагма бараат нејзина оставка, пишува „Економист“.
Во написот се наведува дека гласањето на пакетот закони на 17 јули за кратења на државниот сектор и преструктуирање на даночниот систем било тешко, бидејќи се случило во моментот кога премиерот Андонис Самарас, почувствувал дека неговиот кабинет губи пет мандати по повлекувањето на малата партија Демократска левица од трипартиската коалиција.
„Економист“ нагласува дека Самарас требал да извади „карта од ракавот“ за да ги убеди оние пратеници, кои не се согласувале со него. Кусо пред гласањето, потсетува списанието, тој објави дека од 1 август го намалува од 23 на 13 отсто данокот на додадена вредност за баровите, кафулињата и рестораните.
– Старата грчка држава со високи плати и со малку работни часови заврши, нагласува „Економист“, но додава дека и покрај тоа знаците за раст на грчката економија се минимални.
Грција, според „Економист“, нема да ги постигне целите, кои си ги постави за оваа година.