Еднакви можности за инвестирање во слободните економски зони, побараа денеска претставници на компаниите од Прилепско. На средба со Бизнис-конфедерацијата на Македонија, разговараа за проблемите со кои се соочуваат, за очекувањата, но и за можните решенија на предизвиците.
Пристапот до финансии, како што истакнаа, е еден од нивните најгорливи проблеми.
– Разговаравме со стопанствениците, заеднички ги поставуваме решенијата не само за да се подобри бизнис-климата во прилепскиот регион, туку и за да се прошири стопанисувањето. Овде, во пелагонискиот, поточно во прилепскиот регион, бизнисмените чувствуваат дека имаат капацитет да учестуваат во слободните економски зони, рамноправно. Пораката до институциите е дека треба да се овозможат ист начини и услови за компаниите од регионот да инвестираат во слободните економски зони, рече Миле Бошков од Бизнис-конфедерацијата.
Според него, компаниите очекуваат полесен пристап до финансиите, без разлика дали станува збор за домашни кредитори, фондови што ги имаме во земјава, европски фондови илидруги извори на кредитирање.
– Прилеп го има и економскиот совет кој секако може да придонесе за развој на локалната економија, додаде Бошков.
Бизнис-конфедерацијата на Македонија организира серија вакви средби и промотивни настани во повеќе градови и региони во кои се вклучени голем број стопанственици, претприемачи и менаџери. Овие средби се дел од проектот „унапредување на социјалниот дијалог“ финансиран од Европската унија.