Американскиот стартап за електрични возила „Никола“ и автомобилскиот гигант „Џенерал Моторс“ синоќа најавија стратешко партнерство со инвестиција на „ЏМ“ вредна две милијарди долари, за производство на теренски возила на водороден погон.
Акциите на двете компании на берзанските тргувања денеска пораснаа значително. Акциите на „Никола“ пораснаа за 45 отсто, а на „ЏМ“ за 11 отсто.
Со оваа инвестиција, американскиот автомобилски гигант од Детроит добива 11 проценти од компанијата и едно место во бордот на директори на „Никола“.
Компанијата од Аризона е стартап за електрични возила, конкурент на Тесла, кој ги дизајнира пикап теренците „Баџер“ (јазовец). Според договорот, сериското производство на овие возила треба да започне до крајот на 2022 година.
Погонот на возилата со водород е целосно електричен. За разлика од патничките автомобили Тесла, струјата за електромоторите не доаѓа од литиум-ионова батерија која треба регуларно да се полни од електромрежата, туку од водородни ќелии. Возилата со ваков погон имаат нула издувни гасови, трошат водород а нуспроизводот е вода.
Полнењето на ќелиите се врши на водородни станици кои на Запад засега се многу ретки.
Според договорот, „Никола“ е должна да ја користи технологијата и производството на водородни ќелии на „ЏМ“.