Собранието на Република Македонија во попладневниот дел од денешната работа по дневниот ред на 65. седница едногласно со 55 гласови „за“ го донесе Законот за изменување и дополнување на Законот за реализација на инфраструктурни проекти за изградба на патна делница Миладиновци – Штип и патна делница Кичево – Охрид, по скратена постапка.
Со законските измени ќе се овозможи склучување трет анекс на Договорот за изградба на автопатот Кичево – Охрид заради потребата од дополнителен заем од 187 милиони евра за непредвидени градежни работи од основниот проект и дополнителни градежни работи што се нужни и неопходни за целосно и квалитетно завршување на проектот.
Министерот за транспорт и врски Горан Сугарески посочи дека во наредниот период ќе бидат надминати сите проблеми кои ги има автопатот Кичево – Охрид, а дел, како што рече, веќе се надминати. Тој се заблагодари на опозицијата за најавата дека ќе го поддржат третиот анекс на Договорот.
-Можеби беше потребен малку подолг временски период, но проблемите беа големи, а проектот комплетно промашен. Во основниот проект кој е правен за автопатот Кичево – Охрид клучки не се предвидени. Кога го видела тоа од претходната влада распишан е тендер за проектирање на клучките. Проектирани се осум клучки и една што е постоечка, а за изведбата согласно фидинг-црвената книга не смее да има тендери, бидејќи на трасата мора да продолжи да работи изведувачот што е избран, појасни Сугарески.
Хари Локвенец од СДСМ рече дека одлуката за проектирање на клучките е донесена во 2014 година и за тоа на изведувачот „Чакар партнерс“ му се платени 40 милиони денари. Проектот за автопатот го оцени како криминален и рече дека изградбата ќе чини речиси 11 милиони евра по километар.
-Оваа влада заштеди 95 милиони евра. Преоктот за доработка по цените со кој првично е договарана изградбата на автопатот во износ од 411 милиони евра би чинел 282 милиони евра, а сега ќе чини 187 милиони евра, рече Локвенец.
Во реплика Илија Димовски од ВМРО-ДПМНЕ посочи дека цената на чинење на проектот од 411 се зголемува на 600 милиони евра, а осумте клучки и паралелниот пат не се дел од договорот со Синохидро. Додавањето на клучките е одлука на влада, но не било прецизирано кој да ги гради.
-Ако одеше овој проект со осумте клучки и паралелниот пат од Арбиново до Врбјани преку Претпријатието за државни патишта ќе беше објавен тендер. Предвидено беше да се градат со пари од Буџетот, а не со кинескиот кредит. Сега ќе се градат без тендерирање, а чинат најмалку 25 милиони евра една, рече Димовски.
Владимир Ѓорчев од ВМРО-ДПМНЕ обвини за непринципиелност и додаде дека кога министерот за транспорт беше координатор на пратеничката група на СДСМ во Собранието велеше дека изградбата на автопатот од Кичево до Охрид од 400 милиони евра е прескапа, а сега бара уште нови 200 милиони и плус уште три години да се гради.
– Ќе потрошите дополнителни 200 милиони евра без тендер, а ни велите дека ќе заштедите 150 милиони евра. Ако сте сигурни во себе што не отидовте на арбитража и да ги добиевте Кинезите и да кажевте дека проектот е комплетно промашен. Зошто година и пол ви стоеа патиштата и се пролонгираше изградбата. Во меѓувреме работниците заминаа во странство, рече Ѓорчев и праша зошто сега анексот оди по итна постапка.
Во реплика министерот Сугарески му рече дека само во две ставки сегашната власт договорила разлика од 40 милиони евра помалку. -Разликата меѓу старата и новата влада е 35 отсто. Кога е СДСМ на власт цената е 35 проценти пониска. Ако одевме на арбитража сигурно ќе изгубевме, бидејќи вашата власт создаде таква состојба, рече Сугарески.
Собранието без расправа со 62 глас „за“ и еден „против“’ го усвои и Законот за изменување на Изборниот законик, по скратена постапка, поднесен од пратениците Томмислав Тунтев, Ејуп Алими, Никола Мицевски и Неџбедин Каремани.