На почетокот на сезоната на странските пазари има голема побарувачка за струмичките раноградинарски производи.
Доматите, пиперките, краставиците и пролетната зелка во овој период се извезуваат во Бугарија, Украина, Романија и сите поранешни југословенски републики.
Трговците информираат дека интересот на увозниците за раноградинарски производи е голем.
– Долгата краставица се откупува за 40 денари, доматите 60, пролетната зелка 20 и пиперките за 60 денари за килограм. Бугарите и Романците земаат зелка и домати, исто така и Украина. Помали количини од домати и краставици се извезуваат на просторот на поранешните југословенски републики. За лутата пиперка најмногу побарување има во Србија, каде досега е пласирано 90 отсто од прозводството, информира Блажо Витанов, трговец од Струмица.
Тој додава дека во период кога интересот за извозниците за струмичкте раноградинарски производи е голем, нема доволно производство. Според него, таков е случајот со пролетната зелка, која почна порано да се бере и пласира по пониски цени, а сега, кога се откупува за 20 денари за килограм, нема доволно количини.
И градинарите од Струмичко се задоволни од почетните високи откупни цени и се надеваат дека и во наредниот период, кога ќе зрее целиот производствен турнус, цените нема многу да паднат.
Според Ванчо Митев, од Земјоделското здружение „Еко градинар“ од село Добрејци, во споредба со порано немало толку високи откупни цени во овој период.
Тој вели дека единствено земјоделците стравуваат од болести кај ранорадинарските производи поради променливите временски услови и честите врнежи од дожд, кои најмногу можат да и наштетат на краставицата.