Седум претставници на винариите од Македонија денеска добија дипломи за трет степен на познавање на вино, а 48 за втор степен, како потврда за стекнатите исклучителни знаења во областа на интернационалниот вински пазар, кои ќе ги користат во унапредување на извозот на македонското вино.
Дипломите им се доделени за успешно завршената интернационална програма „Wine and Spirits Education Trust London” – WSET, која претствува меѓународна призната едукација за вино.
– Доделувањето на дипломите е доказ дека се повеќе луѓе кои работат активно на извозот на вино се стекнуваат со сертифицирани познавања за начинот како можат да го презентираат македонското вино пред заинтересираните купувачи, изјави Ѓорѓи Петрушев, извршен директор на здружението „Вина од Македонија“, нагласувајќи дека едукацијата на македонските винари е поддржана од Холандската агенција ЦБИ.
Тој посочи дека иницијативата за сертифицирање на познавањето на виното почна пред три години како резултат на потребата и иницијативата на луѓето од извозните сектори од винариите, а беше надградена од „Вина од Македонија“.
– Досега се изминати три циклуси на обуки од кои два за вториот и една за третиот степен на познавање. Ни остануваат уште два степена додека ги добиеме првите „мастерс оф вајн“ во Македонија, рече Петрушев.
WSET е фондација основана во 1969 година од Winters Group, најстарата компанија во Англија за увоз на вино, формирана во 1363 година.