Десет македонски компании денеска добија Награда за најдобри брзорастечки фирми „Газели“. Тие ќе добијат финансиска поддршка за опрема во висина од по 10 илјади евра, за да можат да го развиваат својот бизнис, да го зголемуваат квалитетот и да вработуваат нови лица.
Целта на наградата, како што истакнуваат од Бизнис конфедерацијата, е да го промовира позитивното и успешно работење и да даде инспирација за натамошно унапредување на работењето кај претпријатијата во Македонија, зголемен број работни места, јакнење на домашната економија преку овој вид стимулирање раст на домашните компании и нивно прераснување во „средни компании“.
– Ова е одлична можност да покажеме дека Република Македонија е земја во која микро и малите компании успешно работат и се развиваат, а државата преку конкретни чекори сака да го поддржи нивниот раст. Тоа е процес од обостран интерес. Развојот на домашните микро и мали компании е одлика на развојот на домашната економија, Како Влада секогаш сме ориентирани за соработка со бизнис секторот и работодавачите и заеднички создаваме клима на доверба, рече дополнителниот заменик министер за труд и социјална политика Диме Спасов на доделувањето на наградите.
Додаде дека таквата определба е резултат на стратешката определба за зголемување на бројот на работни места односно намалување на невработеноста, така што, како што рече, се поттикнува одржливост, знаење, квалитет основање и развој на малите и микро компании во Македонија.
Додаде дека во таа насока е креирана и оваа мерка за наградување на најдобрите брзорастечки фирми, за поддршка на оние кои имаат раст и имаат бизнис план за натамошен развој.
Холандскиот амбасадор во Македонија Ваутер Пломп смета дека малите и средни компании се оние кои ја движат економијата на земјата напред и оти треба да бидат поддржани. Тие, рече, играат централна и важна улога во сите држави, а тоа важи и за Македонија.
– Деведесет и осум проценти од компаниите во Македонија се мали и средни претпријатија и тие придонесуваат за развој на силно претприемништво, за подобрување на производството и за обезбедување работни места, рече тој.
Жан Мари Стандард, од Холандската програма за поддршка на работодавачите која соработува со Конфедерацијата на работодавачи на Македонија дека земјава е прва во регионот што воспоставува ваква награда и изрази надеж дека таа ќе стане традиционална.
– Развојот на вештините квалитетот на работната сила, обуките…треба да претставуваат една постојана агенда на работодавачите и владите со цел да успеат да добијат компетентна работна сила и да привлечат нови инвеститори, рече тој.
Претседателот на Конфедерацијата на работодавачи Миле Бошков истакна дека од исклучителна важносет е малите компании да се научат да вложуваат во развој на бизнисот, со цел, како што рече да обезбедат сопствен раст, со кој, како што потенцира, да влијаат и на растот на економијата во државата.
Смета дека е битна и опремата за работата и развојот на една копмпанија, но како што рече, исто толку важно е и да се работи на обука и развој на вештините на вработените бидејќи тие се капитал на компаниите.
Националната награда за најдобри брзорастечки фирми „Газели“ е поддржана од Министерството за труд и социјална политика и Агенцијата за вработување на Република Македонија, во рамките на Оперативниот план за програми и мерки за вработување и услуги на пазарот на трудот за 2016 година.
Проектен партнер за оваа активност е Бизнис конфедерација на Македонија и Холандската програма за поддршка на работодавачите.
Националната награда се доделува прва година, а во овој период македонските претпријатија пријавиле 33 апликации.
Апликациите, додаваат од Конфедерацијата, ги евалуирала стручна жири комисија составена од претставници на институциите кои се вклучени во процесот и претставници од стопанството.