Бугарското рударство минатата година остварило производство вредно 2,2 милијарди евра. Приходите пораснале за 8% во однос на 2024 година, иако физичкиот обем на производство се зголемил за само 1%. Главен фактор се високите цени на металите на светските берзи.
Македонија, за споредба, продолжува со рударско производство вредно околу 250 милиони евра годишно. Од четирите активни металични рудници, само „Бучим-Боров Дол“ произведува бакар, со околу 8.000 тони годишно.
Дополнителни 16.000 тони годишно се предвидени со проектот „Иловица“, кој би работел до 23 години, но засега е во застој.
Во услови кога цената на бакарот надминува 14.000 долари за тон, потенцијалните приходи од овој ресурс остануваат надвор од македонската економија.
Инаку, како што наведуваат од Бугарската рударска комора која на 18-ти август го чествуваше Денот на рударите, индустријата активно инвестира во дуалното образование, квалификација на персоналот и развој на сопствени специјалисти, а секторот продолжува да одржува висок интерес кај локалното население. Податоците покажале дека директно вработени во рударството се 17.500 луѓе, што е намалување од околу 5% на годишно ниво. Кај нас пак, вложувањето во кадар за рударството е се помало, а на насоката „металургија“ се запишуваат само до шест студенти годишно. Во Македонија, Денот на рударите – 28 август, ќе го одбележат скоро 8 проценти помалку рудари од лани, а вкупната бројка се движи околу четири илјади работници.
Драгомир Драганов, претседател на Бугарската рударска комора, во изјава за Блумберг ТВ, истакна дека се позитивни показателите и за првата половина од 2026 година.
„Маржите на профит за металните руди остануваат стабилни на нивоата од втората половина од минатата година, благодарение на високите цени на глобално ниво за главните метали што се ископуваат во нашата земја – бакар, злато и сребро… Извозот на минерални суровини надминува 2,5 милијарди евра, додека физичкиот обем на извозот се намалува за 24%, што јасно ја потврдува зависноста на индустријата од меѓународните нивоа на цени. Сепак, очекувањата за целата 2026 година се за одржување на стабилно темпо, споредливо со она од минатата година, поддржано од стабилните цени на металите, индустриските минерали и градежните материјали“, потенцира Драганов.
Во контекст на глобалната трка за критични и стратешки минерали помеѓу САД, Кина и водечките економии, Драганов вели дека Европската Унија презема мерки за скратување на административните рокови за концесии, забрзување на геолошките истражувања и стимулирање на стратешките проекти.
„Бугарија има потенцијал да се трансформира од активен учесник, а не само од набљудувач. Нашата земја има поволни геолошки услови, традиции во рударството и претпријатија кои работат според најсовремените стандарди. Затоа треба да ги претвориме овие можности во вистинска конкурентност“, додаде претседателот на Комората.
Според него, сега главниот фокус треба да биде ставен на скратување на административните рокови и оптимизирање на регулаторната рамка за издавање дозволи за истражување и истражување. Тој потсети дека инвестицискиот ризик во секторот е исклучително висок – последниот имплементиран проект за метални минерали во Бугарија траел 17 години од почетното истражување до почетокот на вистинското рударство.
