Димовски: Проектот Џумајлија мора да се реализира, банкарската гаранција е веќе депонирана

Од:

Не е предимензиониран проектот на Субрата Рој кој најави 300 милиони евра инвестиција во Џумалија. Планираните активности се реално изводливи и од македонска страна веќе се преземаат сите неопходни мерки за нивно што поскоро спроведување.

Како што рече денеска ресорниот министер Љупчо Димовски пред матичната Собраниска комисија, станува збор за голема, исклучително сериозна програма чија реализација ќе има многу поволности за вкупното земјоделство. Трансфер на нови технологии, експертско знаење и вработувње 2.000 лица се само некои од очекуваните придобивки.

– Проектот мора да се реализира бидејќи банкарската гаранција е веќе депонирана. Во спротивно потпишаниот договор со закупецот ќе се раскине. Очекуваме тој да ги исполни сите ветувања, набавка на 20 илјади крави, изградба на капацитет за преработка на 80 илјади литри млеко дневно, како и на објект за производство на сточна храна, истакна Димовски.

Тој информира дека во Министерството за земјоделство веќе е формирана работна група која обединува експерти од повеќе сфери битни за инвестицијата на Сахара груп, катастар, животна средина, локална самоуправа… Најпрво ќе треба, објасни министерот, да се изменат урбанистичките планови за да се овозможи изградба на минимум десет фарми и три ветеринарни станици кои се неопходни за добитокот. Паралелно, како што рече, интензивно се работи и на воведување на земјоделското земјиште во владение.

Сахара груп го доби земјоделското земјиште во Џумајлија на концесија 15 години со можност за продолжување, а закупот што треба да го плаќа годишно е 121.000 евра.

Би можело да ве интересира

Во тек се преговорите со откупувачите за новата реколта тутун

Државниот инспекторат за животна средина се врати во матичното Министерство

Триесеттина патници дневно на повторно воспоставената железничка линија Скопје-Куманово-Скопје

Што растеше побрзо – платите или цените?

Доналд Трамп назначи бизнисмен со српско потекло за шеф на државната банка

Намален прометот во индустријата