Барањата за покачување на цената на лебот од страна на производителите се нереални, изјави министерoт за земјоделство Љупчо Димовски, денеска во Охрид.
„Цената под 14 денари за еден килограм пченица воопшто не може да влијае на малопродажната цена на лебот, доколку цената на пченицата биде и 18 денари, таа цена нема да биде исто така превисока, за да дојде до покачуивање на цената на лебот, рече министерот Димовски.
Тој кажа дека производителите на леб треба да го почитуваат она што е договорено со производителите на пченица и со надлежните институции.
„Ако некој сака да печали во оваа ситуација преку зголемување на цената на лебот, не е во право и сето тоа ќе биде во спротивно со обврските кои мелничко-пекарскиот сектор ги даде пред министерството за земјоделство“, рече Димовски.
Производителите на леб и бели пецива од Охрид и Струга неодамна најавија дека може да се случи до крајот на овој месец, да дојде до покачување на цената на лебот и до 30%.
Покрај цената на пченицата, тие како причина ги наведоа и повисоката цена на електрична енергија и нафтата.
Мики Трајковски