Да не се брза со рефинансирање, промени ќе има само кај новите кредити во променливата стапка

Од:

Новото зголемување на основната каматна стапка, трето по ред за три месеци, ги исплаши граѓаните дека цените на кредитите ќе растат, па некои во очекување на новите каматни стапки брзаат кај деловните банки да ги рефинансираат постојните кредити.

Народна банка ги направи овие промени на основната каматна стапка како одговор на инфлацијата која забрзано расте. Но, поголем удар за граѓаните и фирмите ќе биде зголемувањето на каматните стапки на расположливите депозити преку ноќ и на седум дена на ниво од 0,40 и 0,45 %.

Ова значи дека НБРМ ги стимулира деловните банки ликвидните средства да ги депонираат кај неа поради повисока камата, односно се намалува оптекот на пари, што за крајните корисници ќе значи и поскапи кредити.

„Очекуваме овие мерки, во услови на стабилност на девизниот курс на денарот, да поттикнат промени во каматната политика на банките во насока на пораст на каматните стапки на штедењето во домашна валута и натамошен раст на депозитите кај банките во денари. Од друга страна, за очекување е и соодветно постепено придвижување и во цената на кредитите на банките. За кредитите со фиксна каматна стапка, може да се очекува промена само кај новоодобрените кредити. Сепак, не очекуваме тоа да предизвика нарушувања во кредитната активност на банките. Во основа банкарскиот сектор е во добра кондиција и отпорен на шокови. Предизвиците што ги донесе пандемијата банкарскиот сектор ги надмина со здрави биланси и зајакнати капацитети за апсорпција на ризици. За ова придонесоа и засилената регулаторна рамка и заштитите што беа изградени во годините по глобалната финансиска криза и за кои видовме и се уверивме за време на пандемијата дека функционираат“, велат од Народна банка за „А1он“.

НРБМ не очекува да има промени кај рефинансирањето кредити, туку само кај новите одобрени кредити затоа што рефинансирањето не зависи само од промените на референтните каматни стапки или од банкарската политика, туку е под влијание и на некаматни фактори, како што се видот на кредитот, времето што останува за отплата и ефектите од другите врзани трошоци.

Централната банка е внимателна во однос на прогнозите за инфлацијата.

„Инфлацијата кај нас, како и во другите економии, доминантно ја движат цените на примарните производи, пред сè, на храната и енергијата. Индексот на ФАО во последните два месеца покажува надолни корекции кај светските цени на храната, но сепак воените случувања во Украина, како и состојбите кај синџирите на снабдување, носат неизвесност за натамошното движење кај инфлацијата“, тврдат од НРБМ.

Ниту Македонската банкарска асоцијација не очекува драстични промени во условите за кредитирање иако за тоа одлучува секоја банка посебно.

„Нашите членки, банките и штедилниците ги следат мерките и сигналите на монетарната политика и секоја од нив, во зависност од своите деловни политики и конкретните околности, на пазарот прави процена и одлука за евентуално менување на каматните стапки на кредитите и депозитите. Неоспорно е дека сигналот испратен за зголемување на каматните стапки преку континуираното зголемување на каматната стапка од страна на НБРСМ ќе доведе до понатамошно зголемување на каматните стапки на депозитните и кредитните производи на банките, но висината на промената, времето и производите што ќе бидат опфатени се прашање на деловната политика на секоја банка и поради тоа најдобро е да се следат објавите на банките поединечно“, истакна м-р Даниела Баулоска од Македонската банкарска асоцијација.

Би можело да ве интересира

Прво намалување на цените на становите после четири години раст

Орце Костов

Се одржа јубилејната 50. сесија на Клубот на истражувачите

НБ: Инфлацијата се намалува, економскиот раст под проектираниот

Горан Наумовски

Граѓаните ќе можат бесплатно да проверат колку се кредитно изложени: Нова алатка на Народна банка

Орце Костов

Во Македонија се помалку се плаќа во кеш: Раст од 20 отсто кај плаќањето преку мобилен

Орце Костов

Ангеловска-Бежоска: Инфлацијата и натаму ќе се намалува, но потребни се структурни реформи за да станеме поотпорни на шокови