Цените на мало во јули годинава бележат намалување во однос на претходниот месец, а зголемување во однос на јули минатата година. И кај трошоците на живот има намалување во однос на претходниот месец, a пораст во однос на јули лани.
Според објавените статистички податоци, цените на мало во јули биле пониски од претходниот месец за 0,8 проценти, а трошоците на живот за 1,1 процент. Во однос на јули лани, пак, цените на мало се повисоки за 2,5 проценти, а трошоците на живот за 4 проценти.
Намалувањето на трошоците на животот од 1,1 отсто во јули 2013 година, во споредба со претходниот месец, е резултат на пониските индекси на зеленчукот за 20,2 отсто, овошјето за 2,4 отсто, преработките од млеко за 0,6 отсто, мастите за 0,5 отсто и месото и рибата за 0,3 отсто.
Во јули, намалување на индексите на трошоците на животот е забележано кај електричната енергија за домаќинствата за 4,5 отсто, авионскиот превоз на патници за 4 проценти и обувките за 0,4 отсто.
Пораст на индексот на трошоците на животот во јули 2013 година, во споредба со претходниот месец, има кај алкохолните пијалаци за 7,7 отсто, свежото и киселото млеко за 1,8 отсто, јајцата за 0,8 отсто и преработките од риба за 0,4 отсто.
Пораст на индексите на трошоците на животот е регистриран и кај течните горива и гасот за домаќинствата за 2,1 отсто, лековите за 0,9 отсто, пијалаците во рестораните и хотелите за 0,7 отсто, нафтените деривати за 0,6 отсто, туристичките аранжмани за 0,5 отсто, конфекцијата за домаќинствата, електричните апарати за домаќинствата и средствата за хигиена за 0,4 отсто, сообраќајните средства и трошоците за одржување на автомобилите за 0,3 отсто и садовите и приборот за домаќинствата за 0,2 отсто.