Царовска најави сет мерки за стабилизација на пензискиот систем, ќе се зголемува придонесот за пензиско осигурување

Од:

Министерката Царовска денеска на заедничка прес-конференција во Владата со министерот за финансии Драган Тевдовски ги презентираше реформите во пензискиот систем кои ќе овозможат праведна и стабилна исплата на пензиите и негова одржливост за 50 години од денеска.

Нагласи дека со предложената реформа нема да има зголемување на старосната граница и нема да има замрзнување на пензиите.

– По 12 години правиме вистинска и темелна анализа на пензискиот систем, нешто што беше заборавено и беше постојано ставано под тепих. После една година излегуваме со оваа реформа којашто ќе ја спроведеме заедно со институциите во пензискиот систем, рече Царовска.

Посочи дека дефицитот во ПИОМ во последните 10 години е зголемен за 150 проценти и изнесува повеќе од 19 милијарди денари. Ова, како што рече, се должи на примената на политики кои се засноваа на ослободување од придонеси („Македонија вработува 1“ и „Македонија вработува 2“) како последица на што имаше намалување на придонесите кои не се вклучија во пензискиот систем, а имаше и ад хок зголемувања на пензиите кои беа нереални. Со примена на предложените мерки за една година се очекува дефицитот да биде намален од 19 милијарди денари на 16,9 милијарди денари.

– Имаме минимална корекција на придонесот од 0,5 проценти, втората мерка е дека воведуваме јасен критериум за влез во вториот столб од пензискиот систем, а тоа е денот и годината на раѓање. Сите оние коишто се родени до 1.01.1967 година ќе може да се вратат и да добиваат пензија само од првиот столб. Со тоа даваме можност граѓаните да имаат поповолни пензии. Исто така, ќе може сите оние кои користат бенефициран стаж да се вратат и да користат пензија само од прв столб. Во моментов во таква ситуација се вработените во МВР и во МО, што ги става во поповолна положба. Но, најранливите се во двостолбен систем и имаат нереално ниски пензии. Ние го правиме системот праведен за сите оние кои имаат бенефициран стаж вклучително и рударите да се вратат во прв столб и да си добијат поповолни пензии, рече Царовска.

Додаде дека се зголемува и процентот на пресметка на пензии во двостолбниот систем. За мажи процентот се зголемува од сегашните 0,75 на 1 процент, а за жени од 0,86 на 1,14 проценти.

– Ако по денешниот систем оние што се во двостолбен систем се пензионираат ќе добијат максимални 30 проценти од платата. Со новиот систем којшто го воведуваме ќе добијат 40 проценти од максималната плата, што значи поповолни пензии и стабилна исплата на пензии за идните пензионери. Пензиите ќе се усогласуваат двапати годишно како што е законски регулирано со растот на трошоци на живот. Доколку во претходната година има раст од четири проценти на БДП имаме дополнително усогласување во истата година, рече Царовска.

Се воведува и државната социјална пензија која според нивните проценки ќе може да ја користат околу 6.000 граѓани коишто имаат 65 години возраст, 15 години живеалиште во Република Македонија и еден ден стаж. Висината на оваа пензија ќе изнесува 40 проценти од просечната исплатена пензија во Република Македонија или околу 5.800 денари.

Новина која се воведува е и воспоставување единствен регистар на социјални осигуреници со цел полесно следење на сите политики кои се имплементираат и кои и во иднина ќе се спроведуваат, а се поврзани со здравственото и социјалното осигурување во Македонија да се базираат на докази и факти. Овој проект се спроведува во соработка со Светска банка и треба да почне да се применува од почетокот на наредната година.

На заедничката прес-конференција со Тевдовски, Царовска рече дека со приходите од прогресивниот данок ќе се реализираат социјалните политики на Владата како што е зголемувањето на социјалната помош за 300 проценти, воведувањето на образовен и детски додаток за 60.000 деца.

Би можело да ве интересира

АНАЛИЗА: Бројот на пензионери ќе се зголемува, притисокот врз ПИОМ ќе расте

Предраг Петровиќ

АНАЛИЗА: Пензискиот фонд не може да “живее“ без буџетски трансфери

Предраг Петровиќ

Кривична пријава против три лица од Тетово, меѓу нив и директор на ПИОМ

Горан Наумовски

Кривична за екс директор на ПИОМ Тетово – вработувал и давал плата на лица кои не ни доаѓале на работа

Кривична за поранешен директор на Фондот за ПИОМ: Исплаќал плати на луѓе кои не доаѓале на работа

Горан Наумовски

Извршители наплаќале долгови на починати пензионери од сметката на Фондот за пензиско, откри ревизијата

A1on