Нафтената компанија БП укинува 200 работни места во регионот на Северното Море од каде се црпи нафта и гас и ги раскинува договорите со 200 добавувачи кои работата со компанијата, што ќе предизвика дополнителни отпуштања од работа поради намалувањето на нејизните операции.
Во соопштението на компанијата се вели дека ваквите мерки се однесуваат главно за вработените на копно, во седиштето на „БП-Северно Море“, а помалку за оние кои работат на платформите за црпење нафта од морското дно.
Укинувањето на работните места е дел од најавената програма за реорганизација на БП, но како главната причина што тоа се прави сега се посочува континуираниот пад на цената на суровата нафта.
– Условите на пазарот се отежнати и компанијата мора да реагира на ваквата ситуација, изјави претставник на БП во Абердин во севереоисточна Шкотска.
Минатата недела цената на нафтата се спушти на рекордни 46 долари за барел, што е за повеќе од 50 отсто помалку од највисоката цена минатата година од 115 долари.
На Лондонската берза денеска нафтата се продаваше по нешто повисока цена од 49,51 долари за барел, но и таа е далеку од она што може да ги задоволи нафтените компании, а особено земјите производители.
Пред одлуката на БП да укинува работни места во британската зона за црпење нафта и гас, тоа го направија и компаниите „Шел“ и „Шеврон“.
Британскиот нафтен гигант се уште не може да се опорави од големите загуби што ги предизвика тешката хаварија на една од платформите на БП во Мексиканскиот Залив во 2010 година.