Бизнис конфедерацијата на Македонија очекува наскоро да заврши политичката криза за да може да се носат нови мерки кои ќе бидат во насока на подобрување на бизнис климата во државата.
Претседателот на Бизнис конфедерацијата на Македонија, Миле Бошков денеска изјави дека на бизнисмените им е потребна правна стабилност и добра бизнис клима за да можат интензивно да инвестираат во нови бизниси.
– Компаниите секогаш се во исчекување и тактизираат кога станува збор особено за новите инвестиции. Очекуваме дека политичката криза наскоро ќе заврши за да можеме заедно и здружено да ја креираме новата економска политика, истакна Бошков, одговарајќи на новинарско прашање на одбележувањето на 15-годишнината од основањето на Бизнис конфедерацијата на Македонија.
Она што се уште претставува проблем за водењето бизнис, како што посочи Бошков, е пристапот до финансии, честото менување на законската регулатива, слабата претприемачка култура и нелојалната конкуренција.
Според министерот за финансии Кирил Миноски, кој присуствуваше на одбележувањето на јубилејот, во изминатите години направени се бројни реформи од страна на Владата со цел да се создадат идеални услови за водење бизнис.
– Преземени се мерки и активности во скоро сите сфери, како намалување на трошоците за стопанисување, скратување на процедурите, поедноставување на административните постапки и друго. Ако се направи споредба со процедурите и трошоците кои бизнисот ги имал пред десет години или во споредба со развиените европски економии, може слободно да кажеме дека Македонија има повеќекратно побрзи и поевтини постапки, нагласи Миноски.
Притоа тој ги спомена пониската ефективна даночна стапка, намалувањето на времето и трошоците при регистрирањето нови бизниси, олеснетите процедури за извоз и други мерки.
– Повеќе меѓународни финансиски институции го забележуваат овој напредок и ја ставаат Македонија на врвот меѓу економиите според бизнис климата. Така, Светска банка преку реномираниот извештај Дуинг бизнис ја рангираше Македонија меѓу десетте најдобри економии во светот и петте најдобри во Европа за водење бизнис што е големо признание за било која економија. Сите овие достигнувања се заслуга на континуираниот дијалог кој Владата го имаше со стопанствениците преку кој се информираше за нивните проблеми, потреби и идеи, истакна министерот Миноски.
Петтнаесетгодишниот јубилеј Бизнис конфедерацијата на Македонија го одбележа со организирање на панел дискусија на тема „Подобра бизнис клима за бизнис независност и интегритет“. Панел дискусијата е поддржана и овозможена од проектот „Унапредување на социјалниот дијалог“ финансиран од Европската унија, а спроведен од Меѓународната организација на трудот.
Во Бизнис конфедерацијата на Македонија денес членуваат 8.500 компании здружени во 13 деловни здруженија, со две регионални канцеларии во Прилеп и Тетово.