Битка за Гренланд: Стратешката гео-позиција и природните богатства како мотив за “освојување” на арктичкиот остров

Од:

Гренланд станува сè попопуларен во геополитичкиот контекст. Во моментов интересот за островот, барем она што се зборува јавно е поради неговата геостратешка положба. Но, познато е дека Гренланд изобилува со минерални ресурси, за кои се води битка помеѓу силни меѓународни корпорации.

Потенцијалната експлоатација на природните ресурси привлекува огромно внимание од страна на САД и други големи сили, кои ги разгледуваат можностите за влијание врз Гренланд. Па заедно со геополитички интереси за контрола на важни поморски рути и воени бази, островот станува „бојно поле“.

Политичка и стратешка димензија на Гренланд

Најновите настани, како што се изборите во Гренланд месецов, ја нагласуваат континуираната напнатост околу политичката иднина на островот. Новиот премиер Јенс-Фредерик Нилсен ја нагласи независноста на Гренланд од Данска и ги одбива понудите на американски претседател Доналд Трамп за анектирање на островот, инсистирајќи на правото на жителите на Гренланд да го одредат својот пат.

Од друга страна, Трамп продолжува да изразува уверување дека САД ќе го анектираат Гренланд во иднина, оправдувајќи го тоа со стратешки и безбедносни причини. Ова продолжува да предизвикува контроверзи и да создава политички и правни дилеми за Гренланд и Данска.

Минералното богатство го направи Гренланд геополитичко бојно поле

Гренланд е богат со големи резерви на природни ресурси, кои го прават привлечен за глобалните сили. Островот е дом на некои од најголемите наоѓалишта на минерали како ретки земји (за кои се очекува да имаат клучна улога во развојот на технологиите за обновливи извори на енергија) и ураниум, но исто така содржи големи количества на нафта и природен гас. Како резултат на овие природни богатства, Гренланд стана стратешка мета за големите сили.

Гренланд, кој веќе има статус на автономен регион под данска сувереност, привлекува вниманието на рударските компании кои се заинтересирани за експлоатација на овие ресурси. Според проценките, се очекува дека минералните ресурси на Гренланд ќе бидат од клучно значење за иднината на зелената транзиција, што дополнително ги поттикнува интересите на странските земји и компании.

Што чини Македонија со своите минерални богатства?

На светските берзи енормно расте побарувачката за бакар, кобалт, литиум, силициум и цинк, минерали кои се од суштинско значење за зелената транзиција. Тоа резултира со зголемен број барања за дозволи за експлоатација на минерали, а со тоа се засилува и конкуренција меѓу магнатите во рударскиот сектор. Иако со новите методи кои се користат за експоатација на минерални суровини не е доведено до прашање здравјето на граѓаните, во светски рамки расте бројот на меѓународни арбитражи во рударскиот сектор.

Светските експерти велат дека токму конкурентите интензивно ја користат политичката и правната несигурност во регионите богати со руда, за да предизвикаат несигурност и страв кај населението со лажни информации во врска со експлоатацијата на минерални суровини.

Познато е дека слична ситуација имаме во изминативе години и во Македонија. Неколку рударски проекти се на арбитражна постапка или во застој.

Најголемиот дел од тужбите кон државата се поради непочитување на обврски од концесии во рударскиот и преработувачкиот сектор. Меѓу нив, е постапката покрената од инвеститорите во одземената концесија за експлоатација на минерална суровина бакар, злато и сребро на локацијата Казандол во општина Валандово. Концесијата за експлоатација на минерални суровини и беше доделена на компанијата Сардич МЦ. Но, Владата го раскина Договорот со Сардич кога рудникот Казандол беше при крај со изградбата. Компанијата најави дека ќе бара отштета од 380 милиони евра.

Компанијата „Кунико Ресурсис“, пак која управуваше со металуршкиот комбинат Фени индустри, исто така покрена арбитражна постапка, чиј исход засега не се знае. Според дел од објавените информации, најверојатно тужбата доаѓа откако стечајниот управник не ги признал побарувањата на Кунико во износ од 50 милиони евра. Не е познато колкава отштета побарала компанијата.

Арбитражна постапка покрена и словенечкиот бизнисмен со македонско потекло, Блажо Тасев, за нефер и третман во постапката за продажба на рудникот за олово и цинк ‘Саса’ од Македонска Каменица во 2004 година. Откако го загубил спорот пред судовите во Македонија, тој покрена инвестициска арбитража.

Арбитражна постапка е покрената и од индиските државјани Гокул Бинани и Маду Бинани, сопственици на компанијата „Индоминерали“, за поведена стечајна постапка и одземена концесија на рудниците за олово и цинк „Злетово и Тораница“, во 2015 година.

Од она што е познато, уште една фирма води правна битка поради едностран раскин на договор за концесија, но пред домашните судови. Станува збор за концесија за експлоатација на бакар во југоисточниот дел од земјава. Од фирмата инвеститор, „Еуромакс Ресоурцес“ претходно истакнаа дека доколку правдата не биде задоволена кај нас и тие ќе покренат спор во меѓународна арбитража.

Доколку и оваа компанија инвеститор ја оствари најавата за покренување меѓународна арбитража, на државата и се заканува сума од близу една милијарда евра за отштета само по основа на оваа тужба.

Досегашните политики во односот кон потенцијалот на Македонија во делот на експлоатација на минералните суровини укажуваат на потребата од јасни, транспарентни и стабилни политики за управување со рударските ресурси за да се избегнат идни правни и финансиски последици, додека истовремено се користи тој потенцијал за да се подобри економската состојба и геополитичката позиција на државата.

Би можело да ве интересира

(ВИДЕО) „Ако проектил од подморница летне кон Америка…“: Џеј-Ди Венс и се закани на Данска од воената база на Гренланд

Предраг Петровиќ

Трамп: Гренланд може да стане дел од САД во иднина

Опозицијата победи на изборите во Гренланд, фијаско на владејачката партија

Гренланд утре оди на клучни избори

(ВИДЕО) Трамп му се обрати на Конгресот: „Американскиот сон е незапирлив“

Горан Наумовски

Гренланд распишува општи избори: „Ќе го започнеме процесот на независност“