Во 15 часот денеска истекува рокот до кога треба да се достават понудите за тендерот за избор на нов универзален снабдувач со електрична енергија и потоа Комисијата за евалуација треба да ги отвори понудите, да види дали ги исполнуваат условите и да одлучи кога ќе ја закаже електронската аукција.
Вицепремиерот за економски прашања, Фатмир Битиќи сметка дека во следните десет дена ќе биде познато кој ќе биде нов универзален снабдувач на регулираниот пазар.
– Денеска ќе има отворање на понудите, ќе се направи административна проверка дали ги исполнуваат условите тие што аплицирале и ќе се закаже негативното наддавање и аукција и мислам дека во следните десет дена ќе се знае кој ќе не снабдува со електрична енергија.
Критериумот за пониска маржа беше една од идеите од кои се водевме. Таа влегува во конечната цена на крајните корисници и би требало да ги намали сметките. Ние правиме напори граѓаните да добијат се пониски цени како крајни корисници – рече Битиќи.
На универзалниот снабдувач „ЕВН Хоум“ на 30 јуни 2024 година му истекува петгодишниот договор за снабдување со електрична енергија на потрошувачите на регулираниот пазар.
Поради тоа, Владата на 11 декември 2023 година објави јавен повик за избор на нов универзален снабдувач што ќе треба во наредните пет години, почнувајќи од 1 јули 2024 година, да ги снабдува со струја потрошувачите на регулираниот пазар.
Предвидено е изборот да се изврши преку електронска аукција на која услов е да се понуди профитна маржа пониска од 11,5 отсто, колку што изнесува маржата на досегашниот универзален снабдувач „ЕВН Хоум“.