Вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи вели дека власта и опозицијата различно ја интерпретираат моменталната инфлација во земјава и дека секој ги толкува бројките како што сака. Тие, како што вели, зборуваат за просечна, а власта за месечна инфлација.
-Различно ги интерпретираме. Ние велиме до крај на годината ќе имаме инфлација од 5 отсто, ама просекот во годината не се зема од последниот месец. Тие зборуваат за просек, а ние зборуваме за инфлација во еден месец, така што различни бројки различно ги гледаме. Тоа е убавината на демократијата. Секој ги гледа како сака бројките и ги толкува. Јас знам само една работа. Сме кажале дека просечната инфлацијата во 2023 година ќе биде 8 отсто, а дека се стремиме да ја завршиме годината со инфлација од 5 отсто, рече Битиќи во одговор на новинарско прашање при денешната посета на скопската компанија Мако Маркет заедно со премиерот Димитар Ковачевски.
Како што нагласи, просекот е проста аритметичка функција и се добива кога ќе се земат во предвид инфлациите од јануари до декември. Против е, како што вели, за апокалиптични сценарија.
-Независно дека сакаме апокалиптички да гледаме на ситуацијата како што гледавме минатата година во септември дека ќе биде крај за нашата земја заради енергетската криза, како што гледавме во 2020, во 2021 година заради ковид кризата. За наша среќа или за среќа на сите граѓани не се случи никаква апокалипса. Ние сме овде денеска многу појаки и поубаво живееме во нашата земја, а дали треба уште поубаво да се живее – секако и затоа тоа што го правиме веруваме дека ќе донесе резултат, посочи Битиќи.
Рече дека нема разлика и во проекциите за раст што ги прават земјава и меѓународните финансиски институции.
-Видете ги проекциите на ММФ и промената која што тие ја кажаа, и тие укажуваат на истото – во споредба од сите земји во регионот и во споредба со земјите на ЕУ нашиот раст оваа, следната и во 2025 година е дури и над тоа од што некои земји го очекуваа за нас, а се приближни на нашите очекувања како Влада. Така што, не се разликуваме, посочи Битиќи.